Металург не можеше против Мешков, ќе се бори за трето место во Кањижа

По воведниот убедлив триумф над Партизан, ракометарите на Металург се поразени од Брест Мешков со 27:20 во рамките на меч од второто коло во групата А на турнирот во Кањижа.

Мешков отвори со водство од 2:0, а Металург преку Брајовиќ намали на 2:1. Разликата од 1 до 2 гола се одржуваше се до 17 минута, кога за прв пат белорускиот првак поведе со 3 голови, 7:4. Во меѓувреме Металург не погоди два пенали.

Деби во дресот на Металург во првиот дел имаше и Стефан Дрогришки, кој одигра само во два напади. Беше 8:5, па Петров и Марчец намалија на 8:7, а во 22 минута Металург стигна и до 9:9, најмногу по заслуга на голманот Арсиќ кој му „симна“ два зицери на Стојковиќ.

Сепак двете одбрани на Пешиќ по шутевите на Талески и промашениот пенал на Марчец, одново донесоа негатива од 3 голови. Мешков поведе со 12:9 со головите на Џамали, Бабичев и Остроушко, а буквално во последната секунда од првиот дел Брајовиќ намали на 12:10.

На стартот на вториот дел Мешков направи серија од 3:0 и зголеми на 15:10, а првиот гол Металург го потигна дури по шест минути игра, за 15:11. Уште една нова серија од три голови за 18:11 што беше причина за Червар да бара тајм-аут, по кој практично ништо не се смени и се виде дека овој Металург има уште многу работи да коригира во играта.

Предноста се зголеми и на плус 8, 20:12, по што се играше гол за гол, 21:13, 22:14, 23:15. Металург стигна да намали 24:19, но веќе беше доцна за било какви надежи за позитивен резултат. До крајот, Мешков само формално ја одработи задачата за конечни 27:20. Последниот гол за Металург беше дело на Горан Крстевски од пенал.

Најдобар ракометар во тимот на Червар беше Марко Нелоски со 5 голови и тоа сите во вториот дел, додека Талески беше стрелец на 4, а Костески, Брајовиќ и Петров дадоа по 2. Голманот Арсиќ имаше 10 одбрани, од кои 2 пенали. Металург во утрешниот дуел за пласман на третото место ќе игра со поразениот од мечот меѓу ПИК Сегед и Нексе.