Лазаров: Талески, Кузмановски, Велковски… се македонските дијаманти

За време на денешната прес-конференција по повод настапот на Македонија на Европското првенство, но за контролните средби против Словенија и Црна Гора имаше многу коментари за формата на одредени играчи.

Сепак, капитенот Лазаров изјави дека треба да им се даде шанса и да се верува во овие играчи бидејќи тие сигурно ќе блеснат.

„Ние сме тим и така мораме да размислуваме. Имаме повеќе млади играчи не се само Талеки и Кузмановски. Интернационалец сум веќе 20 години и знам како функционираат работите во клубовите во другите земји. За Германците не купуваат ракометари на невидено. Имаат квалитети и се чека да ги покажат своите квалитети. Прашање на време е не само во репрезентацијата туку и во нивните клубови кога ќе блеснат. Таа генерација на Мундијалот во Алжир беа на 6. место. Ако тогаш биле на 6. позиција во свет тогаш е јасно дека во нив се крие талент кој е неспорен и треба да се најде начин како да блеснат“.

Додаде дека им треба поддршка и помош за дополнително мотивирање на ракометарите.

„Сето она што се зборува за нив само дополнително им отежнува. И ова кога ќе го видат ќе имаат повеќе товар и затоа мора да се охрабрат. Не треба да се чека од еден или двајца туку сите 16 или 18 колку што ќе бидеме во Австрија мора да го дадат максимумот. Не може сите да го дадат најдоброто на еден натпревар и да одиграме добро во она што ќе се очекува од нас. Ја сум сигурен дека ќе биде сè подобро како ќе одминува време. Тие се македонските ракометни дијаманти и прашање е на време кога Македонија ќе биде на високо ниво. Не само сега туку и понатаму“, рече капитенот.