Финале пред финалето: Денеска во Магдебург двобој на Русија и Норвешка

После вчерашните пресметки во Лајпциг, денеска во Магдебург ќе дојде до уште две битки после кои ќе стане јасна и втората полуфинална двојка. Следуваат уште два интересни натпревари и сигурно е дека ќе има голема неизвесност со оглед на тоа што се работи за квалитетни репрезентации.

Први на терен денеска излегуваат репрезентативките на Холандија и Чешка. И двете селекции покажаа добри игри во досегашниот дел од сезоната. Холанѓанките се намачија за да дојдат до четврт-финалето со оглед на тоа што имаа сериозни проблеми против Јапонија и одиграа дури 70 минути. Чешка, пак, во тешка средба ја совлада Романија со гол во последната минута. Во своите редови ја има Ивета Лузумова која сезонава игра во одлична форма и во Лигата на шампионите.

Ова ќе биде израмнета пресметка, но шансите се нешто повеќе на страна на Холандија која има константност со игри на големите натпреварувања во последните неколку години.

Двобојот кој е финале на неколку дена пред финалето ќе биде одигран од 20:30 часот. Русија и Норвешка немаа среќа да си ги одмерат силите дури на крајот од првенството и мораат уште рано да се пресметаат.

Вечерва за една селекција фаворит ќе заврши шампионатот во Германија и ќе мора да си замине дома. Сосема извесно е дека тука нема предност и шансите се 50:50. Норвежанките се нешто поодморени, но на ваков турнир заморот секогаш останува во втор план и тука решава многу повеќе мотивацијата на самата средба. Сигурно дека ќе ја има во изобилство и на едната и на другата страна така што дефинитивно ќе има што да се види на теренот во последниот четврт-финален дуел денеска.

ДВОЈКИ ЗА ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ

ДЕНЕСКА

ХОЛАНДИЈА – ЧЕШКА  17:30ч

НОРВЕШКА – РУСИЈА   20:30ч

ВЕЌЕ ОДИГРАНИ СРЕДБИ

ШВЕДСКА – ДАНСКА     26:23

ФРАНЦИЈА – ЦРНА ГОРА            25:22