Голманката на Вардар пресуди: Лејно ја запре Црна Гора и донесе полуфинале

Селекцијата на Франција е противникот на Шведска во првото полуфинале на Светското првенство во Германија, а до него дојде после победата од 25:22 над Црна Гора. Амандин Лејно беше централната фигура на терено и ракометарка која самата ги уништи ракометарките на противникот покажувајќи дека и понатаму е меѓу најдобрите три голманки во светот.

Лејно беше феноменална во клучните моменти и успеа да одбрани неколку зицери. Франција беше во предност во поголемиот дел од мечот, но за да нема никакви проблеми се погрижи ракометарката на Вардар која бранеше речиси сè и не дозволи противникот да фати приклучок и да се врати во мечот.

Во првиот дел Франција имаше предност од 12:10, а оваа разлика во вториот дел беше и поголема. Французинките доминираа така што постојано беа во предност. Имаа и шест гола плус во финишот, а откако дојде до 25:19 веќе немаше проблеми и можеше да почне славјето што Црна Гора го искористи за да намали.

Ова значи дека Амандин Лејно и Александра Лакрабер остануваат до крајот на шампионатот во Германија, додека првенството завршува за Јованка Радичевиќ и за Андреа Кликовац.

ФРАНЦИЈА – ЦРНА ГОРА           25:22 (12:10)

ФРАНЦИЈА: Лејно (10 одб., 3 сед.), Дарле, Дансет 1/2, Ајглон 1/2, Пино 5/7, Ландре 0/1, Н’Гуан, Зади 3/5, Хојет 3/6, Нијакате, Дембеле 4/5, Флипс, Едвиге, Нзе Минко 2/3, Ниомбла 2/2, Лакрабер 4/7.

Седмерци: 5/6, Исклучувања: 6 мин.

ЦРНА ГОРА: Рајчиќ (6 одб., 1 сед.), Хасаниќ, Радичевиќ 4/7, Јауковиќ 2/6, Брновиќ 2/2, А. Кликовац, Ујкиќ, Маловиќ, Премовиќ, Булатовиќ 9/16, Павичевиќ 0/1, Рамусовиќ, Б. Кликовац 0/1, Деспотовиќ 2/3, Раичевиќ 3/4, Грбиќ 0/2.

Седмерци: 6/9, Исклучувања: 6 мин.