Тунис го освои „Жолтиот“ куп 2015

Во Винтертур од 2 до 4 јануари се одржа 43-то издание на интернационалниот турнир Жолт Куп. Противници на домаќинот Швајцарија беа Тунис, Белорусија и Словачка, а ревијални натпревари вон конкуренција одиграа младинските репрезентации на Полска и Швајцарија. Репрезентацијата на Белорусија ја бранеше титулата како победник на последните две изданија на купот.
Уште на првиот натпреварувачки ден од 43-тиот Жолт Куп, беше јасно дека оваа година турнирот ќе има нов победник. Тунис во првиот натпревар ја совлада репрезентацијата на Белорусија со 34-30 и ја најави својата кандитатура за освојување на купот. Белорусија водеше со три голови предност по првите 30 минути, но очајното второ полувреме и различните тактички замисли на селекторот Јури Шевцов беа пресудни за поразот на Белорусите. Во вториот натпревар Швајцарија ја совлада Словачка со 31-29.
На вториот ден, репрезентацијата на Тунис потешко од очекувањата ја победи репрезентацијата на Словачка, додека домаќинот Швајцарија беше поуспешен од Белорусија 26-25.
Во натпреварот за првото место Тунис беше поуспешен од Швајцарија со 26-24 и го освои првото место на турнирот. Белорусија неочекувано загуби од репрезентацијата на Словачка 29-34 и го заслужи последното место на табелата.