Крим добива дански и бугарски шарм

Словенечкиот шампион-Крим полека го комплетира тимот за следната сезона. По доведувањето на неколку искусни ракометарки во своите редови, клубот е на голем чекор да потпише договор со младата Мелани Бак од данскиот тим Рандерс. Потенцијалниот нов играч на Крим се смета за голема надеж на својот тим, откако прикажа одлични резултати на теренот во изминатиот период.
Крим исто така во своите редови ја донесе новата ракометарка, Глорија Павлова од Нови Пазар која потпиша петгодишен договор. Павлова е младинска репрезентативка на Бугарија, а нејзините способности, клубот наскоро ќе ги види на ракометен турнир во Романија.

Според најавите, уште една ракометарка ќе пристигне во екипата од Љубљана, и со последниот трансфер ќе се комплетира новиот состав на РК Крим Меркатор. Екипата на словенечкиот шампион претрпе големи промени поради финансиската криза што доведе до заминување на сите ракометарки кои беа носители на играта во екипата во изминатите сезони. Клубот го намали својот буџет, но сепак реши да доведе голем број на интернационалки во своите редови.

Крим до сега го засилија Марина Ламбевска од Астраханочка, Мирјета Бајрамовска од ЖРК Металург, Алја Корен од Ерд, Маја Луковиќ од Црвена Звезда, Екатерина Чешкова од Динамо Волгоград, и Амелие Гудјо од француски Иси Париз.