Исландскиот голман што „спушта ролетни“ против Македонија се враќа дома

Голманот на репрезентацијата на Исланд и актуелен играч на Скјерн, Бјоргвин Пал Густавсон по крајот на сезоната ќе го напушти тимот и ќе се врати во својата земја. Густавсон потпиша двегодишен договор со Хаукар на кој ќе му се приклучи во летото 2020.

Во пресрет на Европското првенство Исланѓанецот ја обезбеди својата иднина и повторно се враќа во домашното првенство. Густавсон во сезоната 2017/18 натапуваше во Хаукар пред да ја прифати понудата од Скјерн.

Членот на репрезентацијата со која Македонија има одиграни многу натпревари, а тој секогаш имаше одлични партии, никогаш не криеше дека кариерата ќе ја заврши на Исланд. Тој има 34 години и полека се движи кон крајот на кариерата но сеуште брани на високо ниво. Во кариерата Густавсон бранеше за Битенфелд, Кадетен Шафхузен, Магдебург и Бергишер.