Внимание: Ќе зачестат допинг контролите во македонскиот ракомет!

Откривањето на допингуван ракометар во македонската Супер лига ќе го вклучи алармот кај светската анти допинг комисијата и во иднина можно е да има почести и ненајавени контроли на македонските ракометари. Појавата на допингуван спортист укажува на можно користење на вакви средства и од страна на други спортисти. Реално е да се очекува уште контроли, и на повеќе спортисти одеднаш, на пример по пет или десет од секоја екипа.

Правило е дека кога некаде ќе се појави позитивен тест во тој спорт, или таа лига да има зачестени контроли. Затоа и клубовите и ракометарите во Македонија треба да бидат подготвени на следните натпревари „ненандејно“ да се појават докторите и да им побараат материјал за допинг контрола. Ако тоа го одбијат ќе се смета дека паднале.

Неодамна беше обелоденето дека ракометар на Еурофарм Работник паднал на допинг контролата. Неговото име се уште не е објавено, но со оглед на тоа што од двајцата играчи на кои е направен тестот еден од нив се уште не игра, со сигурност станува збор токму за него. Горан Кузмановски беше еден од двајцата ракометари што беа на допинг контрола после мечот меѓу Бутел и Еурофарм работник. Од тој натпревар веќе го нема на ниту еден друг за битолскиот клуб, а нема ниту официјална потврда од клубот дека е повреден. Другиот ракометар Милан Ѓукиќ без проблеми настапува за Еурофарм Работник.

Играчот може да бара и контрола на Б примерок, но додека истиот не се заврши спортистот нема право на настап. Според процедурите кога ќе се направи контрола и некој ракометар нема да ја мине, истиот веднаш се информира и треба да биде суспендира додека трае контролата. Сега треба да се испита како недозволената супстанца стигнала во неговото тело, намерно или случајно.

Но, без разлика на се, истиот сигурно ќе добие казна, која може да се движи од шест месеци до четири години. Казна може да има и за клупскиот доктор. Дури и ненамерно да е внесена суспстанцата тоа не го ослободува од вината.

Од Еурофарм Работник преку соопштение потенцираа дека како клуб ги имаме преземено сите мерки за едукација на играчите и превенирање на несакани настани од таков вид. Посветуваме големо и многу професионално внимание на оваа проблематика, се вели во соопштението.

Ова е прв случај во македонскиот ракомет да има позитивен спортист на допинг контрола. Засега единствено во фудбалот сме имале ваков случај и тоа во тимот на Работнички.