Скандал во Битола: Ракометар на Еурофарм Работник падна на допинг!

По неколкуте допинг афери во македонскиот фудбал, и во ракометот е откриен допингуван играч! Станува збор за ракометар на битолски Еурофарм Работник, кој паднал на допинг-тестот извршен на средбата од Суперлигата во 6. коло.

Во спортската сала во Бутел на 14 октомври, беше одигран натпреварот кој заврши во корист на битолчани, а тој натпревар е одбран по случаен избор од Антидопинг комисијата при Агенцијата за млади и спорт. По завршување на натпреварот беа земени примероци од четворица ракометари, по двајца од двата тима.

Станува збор за Горан Печенковски и Мирко Мајиќ од Бутел Скопје, како и Горан Кузманоски и Милан Ѓукиќ од Еурофарм Работник. Од двајцата ракометари на битолчани што беа подложени на допинг тест, еден не го минал тестот. Официјалната потврда дека има позитивен тест стигна од членот на Антидопинг комисијата при Агенцијата за млади и спорт, д-р. Зоран Ханџиски, но не откри за кој играч станува збор.

„Точно е дека е откриен позитивен примерок на недозволена супстанца кај ракометар од Еурофарм Работник. Во моментов се води постапка во седиштето во Виена, по која ќе се одлучи дали и каква ќе биде казната за играчот. Ќе има сослушување и врз основа на доказите и изјавите ќе се одреди типот и времетраењето на суспензијата. Три критериуми се пресудни за изрекување на казната, првиот е видот на недозволената супстанца, а другите два се однесуваат на начинот на администрација на суспстанцата“, вели д-р Ханџиски за 24Ракомет.

Скандалот доаѓа во незгоден момент за битолскиот суперлигаш на неколку дена пред првиот натпревар од третото квалификациско коло во ЕХФ Купот. Според неофицијалните информации последните десетина дена Горан Кузманоски не е дел од тренинзите на Еурофарм Работник поради здравствени проблеми, додека Милан Ѓукиќ се наоѓа во редовен тренажен процес и настапува на натпреварите во Суперлигата. 24Ракомет се обиде да стапи во контакт со официјалните лица на клубот, но беа недостапни за коментар.

Какви ќе бидат последиците за ракометарот и клубот, доколку навистина се потврди дека тестот е позитивен, останува да видиме. Казните за позитивен тест може да бидат од шест месеци до четири години.