Сандра Тофт дебитираше во норвешки Ларвик

Чуварот на мрежата на данската репрезентација, Сандра Тофт дебитираше во дресот на нејзиниот нов клуб – Ларвик каде ќе настапува во престојната сезона. Сандра Тофт со нејзината екипа Ларвик имаа успешна контрола на пријателскиот натпревар против екипата на Фредерикиштад, каде Ларвик го доби натпреварот со убедливи 25:13. Сандра Тофт го засили Ларвик од данската екипа Твис Холстебро.

Нејзините почетоци на репрезентативен план беа во 2008 година, каде Тофт го имаше својот деби настап за јуниорската репрезентација на Данска  на  Светското јуниорско првенство кое се одржа во Македонија. Нејзината репрезентација заврши на второто место, по поразот од Германија во големото финале, а Сандра Тофт беше избрана во ,,Ол- стар” тимот како најдобар играч на голманската позиција . Во 2012 година на Европското првенство во Србија, Тофт ја стекнува довербата на данскиот селектор и таа станува прв чувар на мрежата на данската репрезентација.

Во 2009 година, Сандра Тофт возејќи кон дома од градот Гиве, изгубила контрола на својот автомобил, по што направила тешка сообраќајка. По несреќата, Тофт морала да паузира, но по само пет месеци поминати надвор од теренот, таа одлучува да се врати во ракометните води и да го чува голот на Холстебро. Сообраќајката предизвикала повреда на нејзиниот врат, по што многумина беа загрижени за нејзината ракометна кариера, но сепак таа успеава да ја остави повредата позади себе и успешно да се справи со бројните предизвици на теренот.