Преглед БУНДЕС лига, 20-то коло

Предновогодишно, а во екот на подготовките на селекциите за ракометниот мундијал во Катар 2015, се одигра 20-то коло од БУНДЕС лигата.

Резултатите се следниве:
Во заостанат натпревар, Фленсбург го надигра Балинген со 32-28, ја покажа својата ракометна филозофија врз тимот кој на полувремето постигна само 8 голови. Балинген во последните 5 одиграни кола нареди трет пораз, додека Фленсбург држи чекот со Кил и РН Ловен.
Лемго-Мелсунген 33-30,
Во изедначен натпревар, победија домаќините, кои се во опасната зона, но со добрите игри во последниот период врзаа две победи и две реми натпревари од последните 4 одиграни кола. Додека Мелсунген сеуште котира високо на табелата, на 6-та позиција, но во последните две кола го расипаа бодовното салдо.
Кил-Вецлар 32-25,
Тимот на талентираниот Липовина и искусниот Балиќ не можеа да сторат нешто повеќе освен чесен пораз од ракометната машинерија Кил. Како за подсетување, веќе по првите 30 минути се надзираше победата на Кил, кој пред своите гледачи во полна сала постигна 16 голови. До крајот на натпреварот „зебрите“ само го дуплираа бројот на постигнати голови.
Гумерсбах-Фуксе Берлин 27-26, победа за самодоверба на поранешниот тим на Борко Ристовски, победа која ги искачи на 7-та позиција или -1 бод од ракометна Европа следната сезона. Фуксе Берлин дозволи 4 порази во последните 5 одиграни натпревари-кризата е евидентна. Се чини дека слабото прво полуврее, во кое примија 17 голови го реши победникот, иако во вториот дел кој го добија со +5 прикажаа далеку поборбена и мотивирана игра, очигледно советите на тренерот Дагур Сигурдсон на паузата вродиле со плод, но на крај недоволно за победа.
Во ракометното дерби за висок пласман. Гопинген-Магдебург 33-36, исклучителnо ефикасен натпревар.Гопинген е на високото 5-то место, но игра променливо во овој период, додека брилијантната форма на Магдебург со 5 победи на исто толку натпревари донесе нова радост во овие празнични денови. Прашањето е дали ќе може Магдебург да го држи овој ритам до крај, при што во овој зимски период, се доближи на само бод(и натпревар повеќе) во однос на третопласираниот-Фленсбург.
Бергишер-Ерланген 32-27, отпорот на гостите беше срушен во второто полувреме, при што домаќините обезбедија презимување на средината од табелата, додека пак гостите врзаа три порази по ред. Иако кај домаќините Драгаш е сеуште ровит и проблемите со повредите се присутни во тимот, сепак тимот носен на крилата на искусниот капитен Виктор Шилаги освои два битни бодови пред паузата во Бундес лигата.Тренерот Хинце, мора да биде задоволен од играта, борбеноста и бодовите освоени пред повеќе од 8300 нивни навивачи. Тој на конференцијата после натпреварот истакна дека и покрај заморот и повредите сепак неговите играчи го добија натпреварот и ја пофали извонредната публика која ги бодри цела сезона. Гостинскиот тренер Бергеман, видно разочаран истакна дека ги пробале сите варијанти на натпреварот, но страста на домаќините кои ги посакуваа бодовите надополнето со многуте грешки на неговите избраници беше пресудно за конечниот исход.
Минден-Битигхајм 35-27,
Дури и Станиќ на голот, со неговите бравурозни одбрани не можеше да го спречи поразот на фенерџијата. Иако на претходните натпревари играа одлично барем едно полувреме, овојпат ни тоа не беше случај. Минден излезе за момент од опасната зона, но првенството после зимската пауза уште повеќе ќе добие на динамика. Пред повеќе од 9600 домашни симпатизери, тимот на Козлина со одлична работа пред се во дефанзивните задачи ја совладља последната екипа во Бундеслигата. За истакнување кај гостите, покрај Станиќ е и Лохрбах кој досега во сезоната постигна 73 голови.
Хановер -Фризенхајм 27-19,
Со оваа победа Хановер е на осмата позиција, додека гостинот кој немаше многу расположени стрелци на овој натпревар е закован во опасната зона и му претстои голема борба за опстанок.Во ТУИ Арената, пред околу 10 илјади публика, голманот Зимер со одлични одбрани и Рунар Карсон со 6 голови го предводеа тимот на Хановер кон победа.
Хамбург-РНЛ 25-26,
Дерби за вовед во зимската пауза. Хамбург на разочарувачкото 11-то место, со само една победа во последните 5 одиграни кола. РНЛ го следи Кил во чекор. Во одличен натпревар, двете екипи ја посакуваа победата, но сепак подолгата клупа на Ловен и малкуте грешки, го решија победникот на овој натпревар. Гостите го контролираа натпреварот и резултатот, а најефикасен беше Екдал Ду Риц (6 голови) кај РНЛ. Дури и головите на расположениот Александер (7) не беа доволни за поранешниот Шампион Хамбург да запише нови бодови.