Полесно за клубовите: Спортските ваучери да ги реализира УЈП и директно ќе префрла пари на клубовите

Доделувањето на спортските ваучери беше главен камен на сопнување во спортската јавност. Првично поради распределбата, но потоа проблем на секој клуб и спортист му беше и да најде фирма што добро работи и која би сакала да го реализира, односно наместо да плати данок на државата да му помогне на спортот. Клубовите има проблеми во изнаоѓање на компании, а некои се уште не успеале да ги реализираа оние што им беа доделени.

Имаше проблеми и со одредувањето на критериумите и листата кои клубови да добијат ваучери. Прволигашите (второлигаши) се побунија па и го одложија почетокот на сезоната додека не им беше ветен исто така спортски ваучер.

Наумче Мојсовски, поранешен ракометен репрезентативец кој реши да влезе во политиката во интервјуто за 24ракомет потврди дека се работи на нов систем на распределба. Во него би требало да има место и за помалите клубови, но најважно е што наместо клубовите и спортистите да бараат компании наплатата на ваучерите би требало да биде преку УЈП.

  • Како претседател на РК Струга имаше непосредно искуство со реализација на ваучер системот. Тој беше најавен како нов револуционерен проект за финансирање во спортот, но на терен се покажа дека и не е толку ефикасен како што се очекуваше. Конкретно, како ти го реши прашањето со ваучерот со РК Струга?

Па еве сега уште не е решен, ама ќе се реши затоа што дојдовме буквално до ѕид. Видовме дека всушност тоа и не е така лесно. Струга е и малку проблематична, има многу помалку успешни фирми што сакаат да помагаат во спортот. Сето тоа беше сфатено некако така – подобро и да не ти дадам пари, па да не си имам после проблеми со УЈП, да си немам проблеми со државните органи. Иако организиравме и некои трибини да се објасни целиот систем, луѓето се уште се помалку скептици и помалку уплашени. Проектот РК Струга, да, почна бомбастично. Јас година и пол дадов премногу пари од свој џеб и сега реков – срамота е, државата дава некоја помош, а ние да не можеме да ја искористиме“

  • Со оглед на овие проблеми со кои се соочуваат клубовите, одржлив ли е овој ваучер систем ваков каков што или ќе има некои измени?

Да би имало, но не можат да бидат толку брзи. На таа тема разговаравме со премиерот и мојата заложба е наместо овие ваучери, да се исплатат директно тие пари на клубовите, да се даде како инјекција. Тоа би бил модифициран ваучер систем.  Затоа што сега во пракса има фирми кои вложуваат во клубовите, но потоа бараат 20, 30, 50 посто од парите да им се вратат назад. Тоа целосно би го укинал и тогаш би ги немало оние „црни пари“. Мора сето тоа да се среди и целата постапка да се поедностави. Ако веќе државата ги одвојува тие 10 милиони евра, тогаш тие треба да им се дадат директно на клубовите. Во иднина клубот што ќе добие ваучер ќе може истиот да го достави до УЈП, и веднаш да си добие пари, наместо да бара фирми, и да мора да им дава и реклама, па други поволности.

Прочитајте го целото интервју на Наумче Мојсовски дадено за 24ракомет.