ИНТЕРВЈУ – Наумче Мојсовски: Модифициран систем за ваучерите, и повеќе пари за помалите, а помалку за поголемите

Ракометарите се зафатија преку политиката да го оправат македонскиот спорт. Прво Борко Ристовски беше промовиран како советник за спорт во ВМРО ДПМНЕ, а потоа во политиката се активира и Наумче Мојсовски како претседател на Комисијата за спорт во СДСМ. Со каква визија поранешниот македонски репрезентативец влегува на политичката сцена, какви честитки си размениле со Борко, кои спортисти ќе му бидат соработници во тимот, како искуството од терен ќе го пренесе „горе“ и каква е неговата заложба за поефикасно прокнижување на ваучерот… Ракометот му е на врвот на листата на приоритети, вели „болка е тоа“, а репрезентацијата секогаш незаобиколна тема…

  • Што беше главниот мотив и цел да влезеш активно во политика?

„Мотивот беше чисто професионално од спортски аспект, за подобро на спортот. Се нафатив на ова затоа што сакам да го унапредиме спортот. Бев во спортот професионално 20 години и сакам да направам нешто за спортот. И претходно и сега, мислам дека малку се вложува во спортот. Сакам директно, луѓето  во врвот на политиката, да слушнат како е од некој кој бил во спортот, да го презентирам тоа што јас го мислам. Сигурно е дека и екипата што ја правам ќе биде составена само од спортисти. Ние сме спортска нација и зошто да не ги дадеме условите што ги заслужуваат спортистите да имаме поголем напредок. Знаеме дека без политика и без власт тоа тешко може да се реализира.“

НЕМА РИВАЛСТВО, СО БОРКО КОМУНИЦИРАМЕ НОРМАЛНО

  • Двајца ракометари од нашата најдобра генерација се вклучуваат во политика на две различни страни – Борко Ристовски како советник на претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Наумче Мојсовски како претседател на Комисијата за спорт во СДСМ. Колку тој ангажман на Борко те иницираше или те испровоцира и ти поконкретно да влезеш во политиката?

Па добро, јас и претходно бев активен како дел од кампањата на СДСМ на претседателските избори. Но, сега тој ангажман е поконкретен  во Комисијата за спорт. Нашата заложба, како што кажа и премиерот Зоран Заев уште пред две години, е да го вратиме спортот на спортистите. Кај нас од осамостојувањето досега се имаше, само спортисти не го водеа спортот. Јас таму се гледам и тоа му го кажав и на премиерот, дека во својот ангажман ќе бидам исклучиво насочен во функција на спортот. Тоа значи подобрување на инфраструктурата, но и да има човек кој ќе ги слушне професионалните спортисти, врвните спортисти, добрите и лошите работи, проблемите со кои се соочуваат, за да може тие потоа полесно да се презентираат „горе“. Многу полесно е да се презентираат кога некој спортист ќе го слушне и ќе го пренесе тоа горе, отколку некој што никогаш не бил вклучен во спортот“

  • Каков е твојот однос со Борко Ристовски, сега со вашиот политички ангажман на двете политички спротивни страни, има ли ривалство или соработка?

„Нема ривалство, нашиот ангажман го гледаме од спортски аспект. Комуницираме нормално како и секогаш, ние сме заедно повеќе од дваесет години и овој наш политички ангажман ништо не промени. Ние си комуницираме нормално, се слушаме. Јас прво му честитав нему кога беше назначен за советник за спорт во ВМРО ДПМНЕ, па сега тој мене ми честиташе. Знаеме и да се пошегуваме, ми вика „ќе изгубиш“, а јас му враќам  „никогаш не сум губел од тебе“…се шегуваме како и секогаш. Искрено си направивме муабет.

 

САКАМ СПОРТОТ ДА НЕ ОБЕДИНИ

  • Дали заложбата „спортот на спортистите“ опфаќа и изградба на национална стратегија во спортот која би била над политиката и партиските поделби?

Јас токму по тоа сакам да се водам. Сакам на спортот да му се даде поголема важност и спортот да биде главен фактор во оваа држава кој ќе не обедини, без разлика на политичките и партиските разлики. Политички обоени – да, за да можат работите полесно да се извршат, но целта да биде единствена. А не да биде – ако не си од мојата партија нема да ти ја направам салата или слично. Јас сакам тие работи да се тргнат настрана, да се помогне на секого. Но, сите знаеме дека тоа тешко може да се оствари без поддршка „од горе“. Знаеме дека оди тешко, но кога имаш директно човек од спортот во таа работа е многу полесно. Јас на премиерот му посочив дека треба да имаме Министерство за спорт. Мојата прва заложба ќе биде во таа насока. Ние сега имаме Агенција за млади и спорт, но мора да му даде фокус и тежина на спортот“

  • Освен заложбата за формирање Министерство за спорт, за кои други проект конкретно би се заложил од таа политичка позиција?

Сега конкретно, презентиравме три точки на кои сакам да се фокусираме. Едната од нив е прашањето што со професионалните играчи по завршувањето на кариерата. Во Германија на пример, на секој спортист што потпишал професионален договор му тече стаж. Кај нас има случаи наши колеги со над 50 настапи за репрезентацијата, да завршат како таксисти, без ниеден ден стаж и без право на пензија. Не смееме да ги заборавиме овие луѓе. Еве да тргнам од себе, Наумче Мојсовски бил дваесет години репрезентативец одиграл толку и толку натпревари и нема ниеден ден стаж од сето тоа! Може да се провери и да се утврди со бројки кој колку имал професионални договори, колку  и што работел во Македонија и да се постават одредени критериуми, зависно од спортот. Се тоа да им се важи на спортистите и да им се запише тоа како стаж“

ВАУЧЕР СИСТЕМ ВО МОДИФИЦИРАНА ВЕРЗИЈА

  • Како претседател на РК Струга имаше непосредно искуство со реализација на ваучер системот. Тој беше најавен како нов револуционерен проект за финансирање во спортот, но на терен се покажа дека и не е толку ефикасен како што се очекуваше. Конкретно, како ти го реши прашањето со ваучерот со РК Струга?

Па еве сега уште не е решен, ама ќе се реши затоа што дојдовме буквално до ѕид. Видовме дека всушност тоа и не е така лесно. Струга е и малку проблематична, има многу помалку успешни фирми што сакаат да помагаат во спортот. Сето тоа беше сфатено некако така – подобро и да не ти дадам пари, па да не си имам после проблеми со УЈП, да си немам проблеми со државните органи. Иако организиравме и некои трибини да се објасни целиот систем, луѓето се уште се помалку скептици и помалку уплашени. Проектот РК Струга, да, почна бомбастично. Јас година и пол дадов премногу пари од свој џеб и сега реков – срамота е, државата дава некоја помош, а ние да не можеме да ја искористиме“

-Со оглед на овие проблеми со кои се соочуваат клубовите, одржлив ли е овој ваучер систем ваков каков што или ќе има некои измени?

Да би имало, но не можат да бидат толку брзи. На таа тема разговаравме со премиерот и мојата заложба е наместо овие ваучери, да се исплатат директно тие пари на клубовите, да се даде како инјекција. Тоа би бил модифициран ваучер систем.  Затоа што сега во пракса има фирми кои вложуваат во клубовите, но потоа бараат 20, 30, 50 посто од парите да им се вратат назад. Тоа целосно би го укинал и тогаш би ги немало оние „црни пари“. Мора сето тоа да се среди и целата постапка да се поедностави. Ако веќе државата ги одвојува тие 10 милиони евра, тогаш тие треба да им се дадат директно на клубовите.
Во иднина клубот што ќе добие ваучер ќе може истиот да го достави до УЈП, и веднаш да си добие пари, наместо да бара фирми, и да мора да им дава и реклама, па други поволности.

  • Вообичаено во спортот има многу ветувања, но многу малку од тоа се исполнува, како ќе ги реализираш твоите заложби?

Јас мислам дека може да се реализираат затоа што ова се некои основни, банални работи. Како прво, се работи за создавање едни нормални услови за работа, загреани сали, а потоа се друго. Затоа јас и посочив дека треба да имаме спортист за спортот кој ги разбира овие работи и може да ги пренесе и да се заложи сето тоа да се реализира“


СПОРТСКИ ДОМ И СПОРТИСТИ ВО КОМИСИЈА

  • Дали во овој твој политички ангажман имаш поддршка од спортистите и кој се ќе биде во твојот тим во Комисијата за спорт на СДСМ?

Добив ингеренции да ја формирам Комисијата за спорт и веќе се во тек активностите околу сето тоа. Во план е да има две Комисии, една мора да е повеќе политички ориентирана која би туркала „горе“ за спроведување на програмите, а другата Комисија ќе биде составена исклучиво од спортисти и таа ќе работи повеќе на терен да видиме каде што недостасува на спортски план. Во составот на оваа Комисија ќе има двајца кошаркари – Тоше Гечевски и Едина Муса, од ракометот ќе бидат Адријана Будимир, Гоце Макалоски и Владо Недановски, од фудбалот се Игор Митревски и Никола Ѓошевски. Во Комисијата ќе бидат вклучени и атлетичарката Дрита Ислами и каратистот Емил Павлов. Сакам во Комисијата да бидат опфатени сите спортови и да видиме што е болката во секој спорт поконкретно. Сите спортисти со кои што разговарав прифатија и подготвени се да помогнат. Деновиве треба да почнеме со работа, да ја подготвиме програмата за спорт во СДСМ и да се „пуштиме“ по терен да видиме до каде сме, што е досега направено, што треба да се направи во иднина. Веќе се реализира проектот за изградба на базени, се усвои проектот за изградба на Дом на спортови кој ќе почне да се гради во населба Аеродром на потегот меѓу салата „Јане Сандански“ и хотелот „Хилтон“.

  • Сега си претседател на Комисијата за спорт во СДСМ, би прифатил ли некоја повисока политичка функција ако дојде до тоа?

„Ако е поврзано со спортот – да. Се водам од тоа дека ако имаме спортист на тие позиции ќе биде многу поефектно за самиот спорт. На властите кои и да се, спортот не им е приоритет. Се даваше многу мал простор за да може да се изменаџира на најдобар начин. Мене ако не ми се мешаат да си го терам спортот за спортистите и се останато, јас би се нафатил. Поинаку не.

 

СТРУШКИОТ ТУРНИР ПОД ПОКРОВИТЕЛСТВО НА ВЛАДАТА?

  • Остануваш ли и понатаму дел од тој проект во РК Струга и мислиш ли дека сега со твоето влегување во политиката, одреден бенефит ќе има и РК Струга во обидот клубот да се врати на старите патеки?

„Да, дефинитивно останувам во РК Струга и ќе настојувам да се подигне клубот на едно повисоко ниво. Исто тоа важи и за Струшкиот турнир. Поради мораториумот за градба сега малку сме во застој околу инфраструктурата, но во план сме тоа да се среди, во контакт сме со неколку големи државни фирми да се затвори другата трибина или да се покрие. Јас сакам да го направам турнирот на највисоко ниво. Уште кога се нафатив на оваа работа основната заложба ми беше и сега ми е да имаме турнир на највисоко ниво. Ако може во Добој да е покровител Владата на Р.Српска, или претседателот да е покровител на Охридскиот маратон, може на Струшкиот турнир покровител да биде Владата. За Владата тоа не би било никаков проблем, а за турнирот би значело многу бидејќи сега турнирот ми зема голем дел од буџетот на РК Струга. За да го покријам Турнирот, сега ми требаат најмалку 100.000 евра и јас сега треба тие пари да ги кратам од клубот. Струшкиот турнир е со педесетгодишна традиција, не смее да згасне, не смееме да дозволиме ниту да живутарка туку треба да биде турнир со реноме на највисоко ниво. И не само Струга, треба да просперираат и сите други центри и клубови кои се соочуваат со финансиски проблеми, а реално во повеќе градови има моќни фирми кои можат но, ете на некој начин се плашат да помогнат. И не само во ракометот, слично е и во фудбалот, разговарав со многу луѓе кои не може да го реализираат ваучерот.“

  • Дали ова твое практично искуство можеби на некој начин укажува на извесна „фалинка“ во тој ваучер систем и како може тоа да се надмине?

Можеби не е „фалинка“, но сигурно е слабо презентиран. Јас сакам да ги тргнеме тие стереотипи и сфаќања дека ако го исплатите тој ваучер како фирма после ќе имате дополнителни проблеми. Сите мислат дека ќе имаат проблем, од каде таа добивка. И можеби има малку „фалинка“ во тоа што се ограничени спортовите, и ограничено е на еден клуб, тука нешто ќе треба да се смени.“

  • Сметаш ли дека првичните шест односно потоа со дополнувањето, вкупно 10 милиони евра што ги одвојува државата се доволно средства за поддршка и развој на спортот?

„Можеби може уште нагоре, но, мислам дека проблем што треба да се реши е со оние клубови, или поточно претседатели на клубови  кои чекале или формирале клуб само за тој ваучер. Од моја страна ќе кажам како претседател на РК Струга, јас со новиот ваучер вкупно ќе добијам некаде околу 90.000 евра. И сега, ако сакам да направам екипа од 150.000 евра, не може се да чекам од државата. Така може сите да работиме. Има и случаи кога ќе направат екипа, ќе има една година успех, ќе дојде за добар ваучер и потоа ќе ја згаснат. И 150.000 евра одат во џеб! Ваучерот треба да биде еден стимул од државата, ако ти веќе си најдеш 100.000 евра да добиеш уште 100-150 и со таков буџет да одиш на поголем успех, наместо да си седми во лига, да се бориш да бидеш втор, трет…Така е исправно и така треба да се спроведува овој систем.“

ПОМАЛКУ ПАРИ ЗА ГОЛЕМИТЕ, ПОВЕЌЕ ЗА МАЛИТЕ

Значи ли тоа дека овој систем треба да биде модифициран и во однос на критериумите по кои се доделуваат ваучерите?

Критериумите се добри, но ќе има некои промени. Треба клубовите да имаат младински, кадетски, пионерски школи, па во тие категории да се извади некој репрезентативец, тоа би носело повеќе бодови во рангирањето за ваучер. Временски, следниот ваучер планираме да помине што поскоро низ целата процедура и до 15 февруари наредната година веќе да се подели, за да имаат клубовите време да го реализираат. Ќе одам на таа основа, ако на Вардар во првата поделба му се доделат 250.000 евра или 15 милиони денари, сега ќе му се доделат плус 7,5 милиони денари. Да, овие пари бркаат работа, но не толку. Јас би ги намалил тие суми за големите клубови,  Вардар, за Металург или Еурофарм Работник, во некој мал дел и би им помогнал на помалите клубови како Богданци на пример кои може многу потешко да дојдат до пари. Зошто? За да се стимулираат на некој начин тие центри и да не мора играчите од овие помали клубови затоа што нема пари да трчаат по секоја цена во Вардар или во Металург. Ако може да ги платат добро, тие ќе останат таму да играат и тое е еден од основните предуслови да ја направиме лигата добра. Лигата во ракомет реално, нас ни паѓа и си имаме проблем. И во младинските категории го имаме тој некој тренд дека најдобрите треба да бидат во Вардар или во Металург, бидејќи другите клубови не се просперитетни. Не мора да биде така.“

-Актуелно е прашањето за промена на системот на натпреварување во ракометот, сметаш ли дека со тоа ќе се подигне квалитетот на лигата?

Да, многу. Еве јас како претседател на РК Струга, прашувам, зошто не би ја наполнил салата два пати или четири пати зависно како би бил системот, кога би играле со Вардар. Игравме лани во Купот со Вардар и беше преполно. Зошто во Струга да не можам да го гледам европскиот шампион или зошто да не го гледам Еурофарм Работник, исто така учесник во ЛШ? Со промена на системот, односно со враќање на шампионот и на вицешампионот во првенството и квалитетот би бил подобар и за клубовите би било подобра сатисфакција. Затоа јас, дефинитивно, би ја поддржал иницијативата за промена на натпреварувачкиот систем.

ОДНОСИТЕ ВО РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА НЕ НИ СЕ СЈАЈНИ…

  • Како поранешен долгогодишен репрезентативец какво е твоето видување за актуелната состојба во македонската репрезентација во која има смена на генерации и осетно подмладување пред настапот на претстојното ЕП 2020?

Јас сум за подмладување. Можеби требаше и малку порано да почне тој процес или не требаше да се одвива така драстично. Сите знаеме дека носителите на играта во репрезентацијата и во клубовите во ракометот се бековите. Ние требаше порано таквите играчи да ги вклучуваме во репрезентација, можеби не со некоја голема минутажа, но доволно да се вклопат и да стекнат искуство. Подмладувањето е неминовен процес во кој и поголеми ракометни сили имаат проблем, како една Германија на пример која три-четири години ја немаше никаде во таквва фаза кога имаа смена на генерација. Не можеме ние да очекуваме дека на Македонија нема да и се случи тоа. Еве последниве неколку натпревари не ни даваат некоја  сигурност. И не смееме сега да се разочараме ако не сме, не знам, петти или деветти на следното Европско и Светско првенство и веднаш да се „плука“ по репрезентацијата. Секоја смена  на генерација е проблем или се чувствува на резултат и мора да бидеме свесни за тоа и реални. Ние сме толкава држава и толкав ни е ростерот на играчи. Мора да им се даде поддршка, да се форсираат младите со одредена доза на претпазливост и реалност во изјавите. Тоа кај нас стално било проблем и јас кога играв, да не биде пак бегајте сите медалот ни е обесен, нас не чека…“

  • Што може да очекуваме од македонската репрезентација на ова Европско првенство знаејќи ги овие реални проблеми и оние работи кои јавноста не ги гледа?

Треба да бидеме малку и реални. Ние што сме поблиску, знаеме дека односите во репрезентацијата не ни се сјајни, знаеме дека има поделби, знаеме кој што како…каков удел има во репрезентацијата и колку би придонел ако е или ако не е задоволен. Второ, да гледаме реално и на тоа дека нашите играчи кои што се во репрезентација се’ помалку настапуваат за клубовите во странство. Ние кога ги правевме најголемите успеси, бевме десет играчи во Металург, ама сите десет игравме, беше Кире тука кој играше, Борко кој играше и уште еден двајца во странство кои играа. Сега, каже те ми еден од нашите репрезентативци што игра во својот клуб повеќе од 15 минути и како игра. Од спортски аспект најважно е кога еден играч ќе дојде во репрезентација подготвен и задоволен, пред се психички подготвен, изиграл убава сезона во својата екипа и доаѓа со самодоверба. Ние сега сме во ситуација и тие репрезентативци што ни се во домашно првенство да не играат. Не правам муабет за тие надвор.

  • Како поранешен репрезентативец и сега член на УО на РФМ, дали сметаш дека изборот на спортски директор е доволно спортски и што е најдобра опција на тој план?

„Знаеме дека тоа прашање и тоа место во репрезентација е сензитивно. Дај да видиме што е работата или како се сфаќа работата на спортскиот директор во репрезентација. Дали е собар, клучар, перач на опрема или треба да е авторитет. Знаеме добро каква е практиката кај големите репрезентации. Можеби во одреден момент имале и послаби селектори, ама кога ќе застане еден Стефансон како спортски директор, одма има друга тежина. Ние имаме една екипа во репрезентација која е позитивна, но со различни карактери. Дали тој новиот директор, па и претходниот, има доволно авторитет да направи копхезија или да му каже на Кире на пример ти денеска ќе дојдеш во 10!

  • Дали е тоа можеби најсодветно место за некој што добро ја познава соблекувалната, можеби некој поранешен репрезентативец?

Јас мислам дека тоа мораше да биде така. Директор не смислува каква тактика ќе играме, негово е кохезијата во репрезентација и да ги сплоти таму, да нема нервози. Да знае, но и да има авторитет кај играчите.

  • Како поранешен репрезентативец, а сега член на УО на РФМ, може ли да направиш паралела какви беа односите и како функционираше репрезентацијата пред шест-седум години кога го направивте најголемиот успех и какви се сега кога репрезентацијата е во транзиција?

„ Сега не сум внатре, но мислам дека сега веќе го нема тоа што го имавме тогаш во репрезентацијата. Зошто? Ние тогаш се надополнувавме едни со други и затоа имавме резултати. Реално ќе кажам. Откога реши Кире да се приклучи на екипата , се направи успех.  Се направи една компактност внатре во тимот, во тие услови што ги имавме тогаш, со расипани автобуси, без опрема. Тогаш некако сите се сплотивме, рековме, луѓе нема овде веќе ѕвезди и, што се вели – го фативме возот. Го победивме Исланд кој тогаш беше олимписки вицешампион. Кога во таа репрезентација немаше ѕвезди, глумење или не знам што, кога можевме сите да си кажеме се што сакаме затоа што никој никого не гледаше „од горе“, ние го направивме најголемиот успех. Ние тогаш не бевме ѕвезди, бевме играчи од мал клуб што сакавме сите да направиме нешто на европска сцена. Сега величините се проблем. Ние тогаш седнувавме сите играчи и се дружевме. Сега кажуваат дека во репрезентација има 4-5 групи, не седнува секој со секого. А тоа е работа на селекторот, ако не може, на директорот. И секако на капитенот. Дајте луѓе да видиме што правиме.

ЕДНОУМИЕ СМЕ? ШТО СМЕ?!

  • Дали Наумче Мојсовски откако ја заврши играчката кариера имал понуда да се вклучи на некој начин во репрезентацијата и дали се гледаш себе си во некоја таква улога, во репрезентацијата или во РФМ?

Досега не сум имал таква понуда. Мислам дека и многу спортисти ракометари јас што ги знам немале. Мене лично ми смета што не се прави избор и селекција. Кога одиме на УО треба да предложиме луѓе, па да видиме која е најдобрата опција за одредена позиција. Не да дојдеме со еден предлог и јас како член на УО морам да го прифатам. Едноумие сме? Што сме? Исто е и со изборот на селекторите. Јас и тогаш прашав, ајде кажете ми зошто нема Раул да не „зафркне“ како Лино. А, испадна така. И сега што правиме. Имавме ситуација кога тогашниот директор, Милчо Чакарески имаше изјави дека мора да влеземе во втор круг на СП, после не влеговме и тој вика – успех е?! Кој успех е тоа? Во РФМ си има хиерархија, но јас стално велам, мора да се слушне мислењето на спортистите, па колку и да е негативно, критички или нема некому да му се погоди. Мора да видиме што имаме.“

  • Што би добил ракометот кога Наумче Мојсовски би бил власт?

„ Јас можеби сум пристрасен, но ракометот се уште ни е спорт број еден во дражавава и заслужува повеќе. Јас ,еве прва работа се фатив за салите, а можеше тоа да биде за стадиони или за било што друго. Болка ти е пак. Од моја страна ракометот сигурно ќе добие голема поддршка, иако , нормално, мора да се мисли и да се решаваат проблемите постапно и во другите спортови. Но, ако не сме сите компактни за тие мали работи кои малку недостасува за да направиме пресврт заедно со МОК, со АМС без разлика дали ќе биде Агенција или министерство и сите федерации, џабе ни е се. Не ВМРО, не СДСМ кој и да е. Ако тука се раздвоиме, ништо не правиме.“

Билјана Благоеска Петрушева