Официјално, Љубо Врањеш му кажа НЕ на ПСЖ

Како што веќе пишувавме, последниве неколку недели се погласни беа шпекулациите дека тренерот на актуелниот европски шампион Фленсбург, Љубомир Врањеш ќе се пресели во екипата на францускиот гигант ПСЖ. И покрај изјавата која за 24ракомет ја дадоа од управата, а како резултат на засилените шпекулации од страна на германските медиуми, управата на клубот реши да излезе на прес конференција и да го демантира наводниот трансфер. Во таа пригода, тренерот на освојувачот на Лигата на шампиони, Љубомир Врањеш изјави:

“Од секогаш истакнував дека проектот Фленсбург е резултат на напорна работа и многу љубов. Фленсбург е големо семејство кои ми пружило многу, сеуште сум таму и сакам да оставам уште поголем белег. Секако, секогаш треба да размислите пред да донесете одлука доколку добиете понуда од големи клубови како ПСЖ, Барселона или Кил. Фленсбург се справи со оваа вест многу претпазливо и не ја злоупотребија мојата  изјава дека живеам и работам за Фленсбург. Затоа ми е  драго што ќе продолжам да соработувам со таков тим, кој ќе можам да го развивам чекор по чекор и да ги зголемам неговите амбиции дури и по победата во Лигата на шампиони, се разбира во рамките на можностите на клубот. Јас, како и секој тренер, посакувам да имам поголем фонд на квалитетни ракометари бидејќи се бориме на три фронта, но можностите не ни дозволуваат и затоа со раководството ќе ја договориме вистинската стратегија за наредната година. Многу е битно, да не ги прецениме нашите можности, на крај заедно треба да работиме повеќе отколку другите екипи. Со нетрпение ја очекувам деветтата сезона во Фленсбург Хандевит, да го продолжиме овој одличен период и возбудлива сезона, а по краткиот одмор во средина на јули да започнеме успешни подготовки. “