Женската регионална лига продолжува, но без ЖРК Вардар и ЖРК Металург

Женската регионална ракометна лига продолжува и во наредната сезона.

Обидите на ЖРК Вардар СЦБТ за формирање на нова квалитетна лига со јаки тимови од регионот пропаднаа. Во неделата во главниот град на Словенија, Љубљана беше одржан состанок на кој присуствуваа старите членови на женската регионална лига.

Во новата сезона ќе учествуваат РК Подравка Вегета и Локомотива Загреб од Хрватска, ЖРК Будуќност и ЖРК Даниловград од Црна Гора, и ракометниот клуб РК Крим Меркатор од Словенија. Покана за учество стигна до Ген-Загорје, но клубот од Словенија заради финансиски проблеми го откажа своето учество, па така во новото натпреварување беше поканет Хипо од Австрија. Се уште се чека одговор од австрискиот клуб за учество во новата сезона.

Во минатата сезона крајот на женската регионална ракометна лига не се дочека, заради повлекувањето на неколку тимови, па така Будуќност ја доби титулата административно.