Kвалификации за ЕП Полска 2016: Црна Гора и БиХ ја одбранија честа на Балканот

Последниот од балканските претставници кој настапи денеска покрај Црна Гора е селекцијата предводена од Драган Марковиќ. По победата на Црна Гора извојувана на гости во Израел, во трилер натпревар победи и репрезентацијата на Босна и Херцеговина, а противник беше Литванија.

Во првиот дел, сигурната игра надополнето со одлична одбрана, донесоа водство од +3 за БиХ на полувремето, 13-10. Почетните минути поминаа во одмерување на силите што овозможи изедначена игра на двете страни до 15-та минута, кога Босна за прв пат поведе со четири голови предност 9-5, но Литванците веднаш возвратија и во 23-та минута го изедначија резултатот на 9-9. Прце и Овчина ги искористија техничките грешки на гостите и повторно го вратија највисокото водство на натпреварот 13-9. Во последните секунди од првиот дел Плета ги постави конечните 13-10.
Но се чини тука застанаа младите ракометари на селекторот Марковиќ. Лошата игра во продолжението на натпреварот и подценувањето на противникот си го направија своето, на ново изедначување на резлутатот се чекаше до 40-та минута. Неизвесноста траеше до 53-та минута кога при резултат 21-21, Босанците преку Овчина и Прце го најавија фуриозниот финиш и нова серија од 4-0 за враќање на највисокото водство на три минути пред крај на натпреварот. Литванците ги постигнаа последните два гола на натпреварот, но тоа не беше доволно да избегнат пораз.
Најефикасни кај гостите беа Петрејкис со 6 и Плета со 5, додека кај БиХ, Прце со 8 голови беше играч на натпреварот, а на листата на стрелците високо котираа Савиќ и Овчина со по 4 голови за конечни 26-23.