Битолчани ќе бараат десен бек: Никола Ивановиќ не е повеќе дел од Еурофарм Работник

Тимот на Еурофарм Работник во паузата меѓу полусезоните ќе мора да бара нов ракометар на позицијата десен бек. Српскиот интернационалец Никола Ивановиќ не е повеќе дел од битолскиот клуб и нема игра за „фармацевтите“ напролет, иако потпиша двегодишен договор.

Тој не беше во ростерот на битолската екипа на последните натпревари, вклучително и на реванш средбата од Купот на ЕХФ против швајцарскиот Берн. Ивановиќ последен пат играше за „фармацевтите“ со Вардар Јуниор на 14 ноември.

Беше во ростерот и на дербито против Пелистер и против Берн во Битола, но не доби шанса од тренерот Ѓорѓе Чирковиќ за настап на теренот. Тој дојде во Еурофарм Работник на почетокот на сезоната и потпиша договор на две години, но очигледно нема да го доработи до крај.

Причините за прекинот на соработкатa се уште не се познати, а Еурофарм Работник во меѓувреме остана само со Михаил Петровски на десната бековска позиција.