24Ракомет АНАЛИЗА: Благоја Весиќ за четврт-финалниот натпревар меѓу Пик Сегед и Кил


ПРИКАЗ НА ШАНСИТЕ ЗА ПЛАСМАН НА ФАЈНЛ ФОР ТУРНИРОТ ВО КЕЛН


Pik-Kil

Кога на прв поглед ќе го погледнам четвртфиналниот дуел помеѓу Пик Сегед и Кил прва прогноза секако би била победа на германскиот шампион. Потврда на оваа констатација нуди и традицијата која вели дека овие два тима два пати играле меѓусебе во ЛШ, дуели кои Кил убедливо ги доби со 34-24 (на домашен терен) и 36-28 (на гости). Меѓутоа тоа се некои други времиња, посебно за екипата на Пик Сегед.
Денеска пред нас имаме еден нов Пик Сегед, екипа која по доаѓањето на искусниот шпански стратег Хуан Карлос Пастор доби еден нов лик, нов карактер, нова димензија. Новиот начин на работа и професиналноста во секој сегмент во клубот, посебно беа видливи минатата година кога оваа екипа успеа да го подигне пехарот во второто по квалитет натпреварување- ЕХФ купот. Оваа година унгарскиот состав сака да отиде чекор понапред, а секако дека пласманот на Фајнл Фор турнирот во Келн би било сценарио како од бајките за вториот по квалитет унгарски тим.
Пик Сегед во осминафиналето покажа дека знае како треба со германските клубови. Вицешампионот на оваа земја , Рајн Некар Левен беше убедливо поразен во двата натпревари и елиминиран во осминафиналниот двобој. Овој пат во Унгарија пристигнува “страшната“ екипа на Кил. Тимот за кој сè освен трофеј, во било кое натпреварување, би било неуспех! Германскиот шампион е еден од најдоминантните ракометни клубови во Европа во изминатава деценија.
Доколку Унгарците сакаат да се надеваат на поволен резултат мора да одиграат тактички дисциплинирано во фазата на нападот , со висок процент на реализација, а бројот на изгубени топки да биде сведен на минимум и секако брза транзиција од напад во одбрана.
Токму гранитната 6-0 зона е едно од главните оружја на Кил, по која секако следува брза контра и полуконтра. Доколку тоа не им успее, следува позиционен напад со „тешка артилерија“ составена од бекови шутери која ја сочинуваат едни од најголемите ракометни имиња на денешницата, на кои доколку им се остави и најмал простор веднаш знаат да се кренат на удар и да казнат.
Доколку направиме анализа и на секоја позиција поединечно повторно би ја дал предноста на екипата на Кил. Единствено левата крилна позиција и позицијата голман би биле во егал. Германскиот шампион се соочува со проблеми на левата крилна позиција, а по повредата на Доминик Клајн мораше да го реактивираат некогашниот свој ракометар, шведскиот ветеран Лундстром. На спротивната страна Пик Сегед е одлично покриен на крилните позиции со квалитетни имињата како Јонас Калман и Гарсија Парондо. На голот на Кил повеќе го повеќе го нема генијалниот Тиери Омејер, човек кој со три-четири одбрани во клучните моменти можеше да го реши победникот. Исто така и на оваа позиција Кил се соочува со проблеми па мораше да го ангажира Норвежанецот, Еге. На спротивната страна голот на Унгарците го чува уште еден Шпанец, репрезентативецот Сиера кој претставува еден искусен и квалитетен голман. На сите останати позиции, индивидуалниот квалитет е на страната на Кил. За крај би го споменал дуелот на двајцата стратези, Гисласон и Пастор. Гисласон преферира брз и динамичен ракомет каде во главна улога се неговите бекови кои со ударите од девет метри ја разбиваат противничката зона. За разлика од Гисласон, Пастор е повеќе тренер-тактичар кој бара многу поголема тактичка дисциплина од своите ракометари.


ГРАФИЧКИ ПРИКАЗ НА КВАЛИТЕТ ИЗРАЗЕН ВО ПРОЦЕНТИ СПОРЕДЕНО ПО ПОЗИЦИИ НА ДВЕТЕ ЕКИПИ

kilpikind

Доколку би требало да посочам победник од овој дуел, мојот избор би бил германскиот шампион Кил. За мене лично сè освен пласман на екипата на Кил на Фајнл Фор турнирот во Келн би било големо изненадување. Сепак оставам на екипата на Пик Сегед да ме изненади.