ОФИЦИЈАЛНО: Бомбастичен трансфер на Арпад Штербик во Вардар!

Повеќе месеци се најавуваше, но денес и официјално стигна потврдата од легендарниот чувар на мрежата на Барселона, Арпад Штербик. Со натпреварот за трето место на „фајнал фор“ турнирот, тој го одигра последниот натпревар во дресот на каталонскиот гигант. 34 годишниот голман на Југовиќ, Веспрем, Суидад Реал (Атлетико Мадрид) и Барселона се сели во Скопје и во наредните четири сезони ќе ги брани боите на Вардар.
За шпанската новинска агенција ЕФЕ тој го потврди трансферот и неговиот четиригодишен договор со македоскиот вицепрвак. Штербик спогодбено го раскина договорот со челниците на Барселона кој требаше да заврши во 2017 година. Одличниот голман пристигна во шпанскиот првак во 2012 година од Атлетико Мадрид и освои девет трофеи со Барселона.

„Ја прифатив понудата на Вардар од неколку причини кои не се само финансиски. Потекнувам од Балканот и ќе бидам поблиску до моето семејство. Вардар сака да создаде одличен тим, ме потсетува малку на Суидад Реал.“

Негова замена на голот на Барселона ќе биде Перез де Варгас кој беше на позајмица во француски Тулуз оваа сезона.