СЕДМЕРЕЦ: Скопје – Битола добра релација

Четири скопски и двете битолски екипи ќе разигруваат во суперлигашката завршницата.

1.Бутел им го „украде“ шоуто

Прв пат откако е востановен овој систем на натпреварување во македонската Супер лига, плеј-офот ќе се „вози“ само на релација Скопје – Битола. Четири скопски и двете битолски екипи ќе разигруваат за шампионската титула, или ако сакате попрецизно – за излез во Европа бидејќи Вардар сè уште е неприкосновен фаворит за првото место.

Еурофарм Работник ја предводи водечката суперлигашка четворка на која во плеј–офот и се приклучуваат Вардар и Металург. Пелистер ја комплетира битолската двојка на врвот, а скопската страна ја држат Бутел и Пролет. Во една од најинтересните суперлигашки сезони, најблиску до битолско-скопската четворка беше Охрид, но охриѓани се сопнаа во финишот и на крај останаа без плеј-оф.

Амбициозниот проект и сериозниот влог на „фармацевтите“ им донесе доминација во регуларниот дел, со 17 победи и само еден загубен бод во битолското реми со Пелистер. Еурофарм Работник, факт, беше пред другите, но, Бутел, дефинитивно им го „украде“ шоуто.

Игор Котевски и неговите избраници станаа хит во дебитантската сезона, брзо влегоа во шема во суперлигашкото друштво и со време фатија место во „горниот дом“ и пласман во плеј-офот. Се понатаму ќе биде дополнителен плус за најмладиот суперлигаш. Не е исклучено воопшто, дека Котевски и Бутел и во плеј-офот може да им ги помрсат сметките и на некои од фаворитите.

  1. Нешто извесно, нешто неизвесно

Утре ќе биде познат распоредот на натпреварите, но многу поинтересно е каков ќе биде односот на силите во македонскиот плеј-оф. Тука, нормално, Вардар не се „рачуна“ оти сега-засега, тешко дека некој може да му го загрози шампионскиот статус.

Но, вицешампионската позиција на Металург е и тоа како привлечна цел. Пред се за битолчани.

Ќе „матурира“ ли уште еднаш младиот состав на Металург и Данило Брестовац пред селекторскиот испит, или ќе има промена во односот на силите и позициите, посебно на онаа за место во СЕХА? Последен пат тоа му се случи на Металург во кризната 2014/2015 кога со гол повеќе во гости, вицешампион стана Макс Струмица или Зомимак и потоа уриваше рекорди во СЕХА. Од оние со минус напред.

Според резултатите и квалитетот, најсериозна закана за Металург треба да биде Еурофарм Работник. Стевче Алушовски сигурно ќе сака и ќе знае да ја искористи секоја шанса иако Еурофарм Работник привремено ќе биде на два фронта – во групната фаза во ЕХФ Купот и во домашниот плеј-оф.

Металург пак заврши со европските и регионалните обврски и сега целиот фокус е ставен на плеј-офот. Ако се одбие оној дел во првата половина на април кога Брестовац ќе биде посветен на селекторските обврски во македонската репрезентација за дебито на клупата во двомечот со Исланд.

Од втор план, своја шанса гледа и Пелистер со Јошко Петковиќ на клупата. Петковиќ е далеку најискусен во оваа тренерска плеј-оф конкуренција против дел од своите поранешни играчи. И, зажалил секој што предвреме го отпишал искусниот нишлија.

Во плеј-офот, најмали шанси за висок лет, условно, имаат Бутел и Пролет. Иако, Бутел сезонава е хит и покажа дека знае да биде опасен аутсајдер, па и во претстојниот плеј-оф тешко дека некој може однапред да ги запише бодовите против дебитантот.

Сè на сè, не чека интересна ракометна пролет на релација Скопје – Битола, со доза на неизвесност дали остварувањата ќе бидат еквивалентни на очекувањата.

3.Виновни се и кога не се!

А, и ако некој не ги исполни очекувањата, нема гајле, има дежурни виновници – притисокот од медиумите и од јавноста. Тие стално многу бараат… како овие другиве да играат за по дома, не за публиката!

Па така некако деновиве испадна дека медиумите пак да ти биле виновни за се.

Ако ги третитираат – им прават притисок. Ако не ги третираат – намерно ги запоставуваат.

Ако не оди со подмладувањето – прерано било оти новинарите и јавноста правеле притисок. Ако тераме по старо – тие се конформисти и не прифаќаат промени.

Ако сме за „нашите“ – оти не сме за „другите“. Ако сме за „другите“ – оти не сме за нашите. Фактите и аргументите не се битни, професионалноста уште помалку.

Сега и за професионалниот статус на селекторот пак виновни биле новинарите. Тие „притискале“, а челниците ги послушале!

Да не сте измешале нешто малку?!