24 Ракомет ТВ ИНТЕРВЈУ со Никола Митревски: Еурофарм Работник, шанса за напредок и докажување (ВИДЕО)

Тимот на Еурофарм Работник доби големо засилување за голманската позиција за новата сезона во репрезентативниот „чувар на мрежата“ на Македонија, Никола Митревски кој после неколку години интернационална кариера се врати во Битола.

Тој својата кариера ја почна во Пелистер, но сега ќе игра во ривалот на овој клуб, Еурофарм Работник. Веќе покажа дека ќе биде големо засилување за екипата која во новата сезона ќе игра во Лигата на шампионите и во СЕХА, со оглед на тоа што со себе носи големо искуство од игрите досега во двете натпреварувања.

„Со сите клубови досега за кои имам играно во Македонија сум играл и ќе играм Лига на шампиони. Амбициите на Еурофарм Работник се да напредува од сезона во сезона и од натпревар во натпревар. Ние сме релативно нова екипа во Европа со искуство само од Челенџ и од Купот на ЕХФ. Ќе бидеме во помалку квалитетните групи од ЛШ и ова ќе биде шанса за нас за докажување и напредок и на индивидуален и на тимски план. Нема лесни ривали бидејќи секој противник се подготвува за секој натпревар. Другите ќе не гледаат како аутсајдери, но ние тоа треба да го направиме да биде наша предност. Со добри игри некако да обезбедиме пласман во 1/16-финалето од Лигата на шампионите“, вели Никола Митревски во интервју за 24 Ракомет ТВ.

Комплетното интервју можете да го погледнете во видеото во продолжение.