24Ракомет на ПОЛУВРЕМЕ со Мирослав Коциќ: Секогаш постојат нови предизвици!

Јунакот на финалниот натпревар на интернационалниот ракометен турнир „Струга 2014“, новото засилување на македонскиот шампион Металург и репрезентативниот голман на српската репрезентација, Мирослав Коциќ во ПОЛУВРЕМЕ говори за своите спортски одлуки и адаптацијата во новата средина.

Репрезентацијата на Србија не обезбеди пласман на СП во Катар. Кои се причините за тоа? Би издвоил ли некого посебно како виновник за елиминацијата?

Една од причините е тоа што имавме голема предност од осум голови разлика по првиот натпревар. Мислам дека во реваншот влеговме опуштено, како веќе да го имавме обезбедено пласманот на СП во Катар. Веројатно и не бевме доволно психички подготвени. Одигравме катастрофално , посебно во нападот, примивме премногу лесни голови , и сето тоа не чинеше пласман на СП.
Од оваа гледна точка секој може да биде виновник за нашата елиминација. Би го издвоил нашиот пристап кон реванш натпреварот како главна причина за неуспехот. Односите во репрезентацијата се одлични, така да тоа не може да биде причина за нашата елиминација.

Дали се уште се пронаоѓаш во репрезентативниот дрес на Србија?

-Секако. Мислам дека имам уште многу да дадам на репрезентативен план. Следуваат квалификации за ЕП и тоа е шанса да го поправиме впечатокот од елиминацијата за СП во Катар.

Не доби повик за ЕП во Србија?

-Да, бев дел од подготовките за тоа ЕП, но селекторот во тој момент се одлучи во репрезентацијата да бидат Дарко, Ѓукановиќ и Џамбо Милиќ. Сепак мене ми беше мило што бев дел од подготовките на репрезентацијата, а и изборот на голманското трио беше на место бидејки и тројцата се извонредни голмани.

Транферот во Металург е твое  прво сериозно интернационално искуство кое се случува на твои 33 години… Зошто чекаше до сега за твојот прв интернационален предизвик?

-Јас една година настапував во Италија, но тоа и не е некое искуство бидејки италијанската лига е слаба. Не сакав по секоја цена да одам во странство. Имав некои понуди, но секогаш треба да се одбере онаа понуда во која и двете страни ќе бидат задоволни. Од Металург ја добив вистинската понуда и дојдов во Скопје.

Твои први впечатоци од новиот клуб, соиграчите и тренерот?

-До сега е се во ред. Се работи одлично, екипата е извонредна. Сеуште сме на почетокот, ќе видиме понатаму како ќе се одвиваат работите, кога ќе почнат натпреварите секако и впечатоците ќе бидат поголеми. Одиме чекор по чекор.

Металург има тешка група во ЛШ… Каде ја гледате вашата шанса?

Секако успех ќе биде да ја поминеме групата, што е еден од нашите главни приоритети. Ќе биде тешко бидејки во тој прв дел од групната фаза на ЛШ во првите пет кола играме два тешки натпревари на домашен терен против гиганти како Кил и ПСЖ и три натпревари на гости каде можеш и да победиш, а можеш и да не освоиш ни бод. Сепак мислам дека пласманот во 1/8 финале е реалност.

Играш во ист клуб со твојот репрезентативен колега Дарко Станиќ…а другиот репрезентативен колега настапува во најголемиот ривал Вардар… Кои се твоите впечатоци за Станиќ и Милиќ?

-Дарко е за мене најдобар голман во Европа и многу ми е мило што е мој клубски колега. Разговаравме и многу ми помогна при аклиматизацијата во новиот клуб, ми потенцираше како е овде специфична ситуацијата, многу е полесно кога е тој тука и секако се радувам на соработката со него. Џамбо е во Вардар, малку се дружевме на подготовките на репрезентацијата и за него можам исто така да кажам дека е супер дечко.

Кој е твој најголем успех во животот?

-Па не можам да издвојам нешто посебно. Се се одвиваше како што треба. Во однос на спортски успех можам да ја споменам последнава сезона во дресот на Војводина кога ја освоивме титулата и суперкупот на Србија, а се останато беше буквално одработување година за година.

Дали некогаш си размислувал да ставиш крај на ракометната кариера?

-Не, никогаш. Секогаш постојат нови предизвици во светот на спортот. Сум настапувал во Србија, па еве во овој момент сум во Македонија каде се игра ракомет на повисоко ниво и од година во година се обидувам колку можам да одам понапред во својата кариера.

Што би ги советувал твоите деца доколку во иднина се одлучат да тренираат ракомет?

-Најпрво сами треба да се изборат за својот пат во светот на ракометот. Не би сакал да имам влијание на нивната одлука, бидејки и ја сам го изодев тој пат, сам одлучив да се занимавам со ракомет без никакво влијание од моите родители. Можам само да им го покажам правецот и ништо повеќе од тоа.