24Ракомет на ПОЛУВРЕМЕ со Гоце Ојлески: Пред нашата публика, во пеколна атмосфера нема од што да се плашиме!

Левото крило на македонската ракометна репрезентација и македонскиот првак Металург, Гоце Ојлески во ПОЛУВРЕМЕ зборува за своите почетоци и атмосферата во клубот пред стартот на Лигата на шампионите.

Што беше пресудно во играта на Металург, што ви ја донесе шампионската титула минатата сезона?

Мислам дека желбата за да ја освоиме титулата беше преголема, претходната сезона Вардар ја освои титулата и ја превзема од Металург. Затоа сите сакавме да се реваншираме и да го вратиме трофејот во Автокоманда, мислам дека желбата за реванш беше пресудна за да се освои таа посакувана титула.

ПСЖ и Кил повторно гостуваат во Скопје, овојпат ќе ги видиме со Омејер, Дувњак, Канељас… Колку денешниот Металург е способен да направи изненадување како минатата сезона?

ПСЖ и Кил оваа година се за 20-30 % подобри од минатата година, ќе биде тешко да се постигне тој успех, да победиме како минатата сезона, мислам дека имаме шанси тука во Борис Трајковски во пеколна атмосфера нема од што да се плашиме. Го покажавме тоа против Барселона минатата сезона, беше појака од сите екипи, а ние тука ја победивме, зошто и оваа сезона да не направиме изненадување во првото коло против ПСЖ, а понатаму и против Кил.

Каде ја гледаш шансата да се помине групата во Лигата на шампиони?

Шансата ја гледам против Загреб дома и на гости нормално мора да победиме и на двете ако сакаме да одиме понатаму, екипата на Брест се покажа како квалитетна екипа посебно тоа го покажа минатата сезона во СЕХА лигата, но сметам дека сме поквалитетна екипа од Брест и се надевам на победа и на двата натпревара. Тоа се тие најголеми конкуренти кои ќе ни претставуваат проблем  за поминување на групната фаза, не сметајќи ги ПСЖ и Кил кои се фаворити во групата.

На кое ниво е формата на тимот? Дали веќе е позната почетната седморка која ќе го изнесе најголемиот товар во Лигата на шампионите?

Од натпревар во натпревар одиме во нагорна линија, ја темпираме формата за ПСЖ и се подготвуваме исклучиво за првиот натпревар во Лигата на шампиони. Со натпреварите во СЕХА лига се воигруваме и ја темпираме фомрата за почетокот на ЛШ. Сакаме на првиот натпревар пред нашата публика да се покажеме во најдобро светло и да ги изненадиме како минатата година.
За секој натпревар е различно и се зависи од тренерот, тој одлучува кој е во најдобра форма.
DSC_0499

Кои се твоите очекувања од Катар?

Пред се очекувам да ја поминеме групата како прва цел, а понатаму зависи со кого ќе вкрстиме и против кого ќе играме, но да не претерам очекувам да се пласираме до 6-7 место.

Колку е оправдана стратегијата за подмладување на репрезентацијата за една мала ракометна земја како Македонија?

Нормално дека добро е да се вметнуваат млади играчи, да има повеќе клубови, академии за тие млади играчи да имаат од каде да учат, доста се вложува во ракометот во Македонија, има добри тренери и добри играчи кои секојдневно може да се сретнат, да разговараат со своите идоли и да побараат совети. Сметам дека е позитивно тоа што се случува во Македонија.

Најдобро е да имаме комбинација која ние веќе ја практикуваме, млади сили со искусни играчи и кога тоа се ќе се вклопи тоа е најдобра опција која треба да се почитува и применува за да има успех. Нормално, без искуство неможат младите играчи да го понесат товарот на важни натпревари во иднина.

Како гледаш на ривалството со Вардар?

Ривалството е нормална работа. Сега играм во Металург, нормално дека имам желба да покажам и докажам дека постои квалитет кај мене, преходно играв во Вардар сметам дека не ме ценеа доволно, онолку колку што добивам во Металург, а за тоа пред се му се заблагодарувам на тренерот Лино Червар.
DSC_0492

Кој голман ти  е вистински предизвик?

Сега моментално тоа е Арпад Штербик, еден од најдобрите ракометни голмани и навистина ми е предизвик да се натпреварувам против него.

Голем број квалитетни ракометари потекнуваат од Струга. Која е тајната на Струга?

Тајната на Струга е во тој традиционалниот турнир кој се одржува секоја година. Многу млади деца едвај чекаат да дојде тој турнир и да гледаат квалитетен ракомет, тоа им дава желба и поттик да тренираат и играат ракомет. Таа школа која опстојува од порано сеуште се негува, сметам дека треба уште повеќе да се вложува во Струга, навистина има добри деца и мислам дека климата  влијае да се развијат во добри спортисти…

Татко ми беше ракометар покрај него и јас се навлеков на ракометот, ме носеше на натпреварите гледав добри екипи кои доаѓаа на турнирот во Струга. Така започнав да тренирам и се поголема желба имав да напредувам, затоа денес сум тука каде што сум.

Дали и во иднина се гледаш себе си во Македонија?

Сега за сега се гледам во Македонија.