24Ракомет ве запознава со Јованка Китановска: Желбата за да успеам беше посилна од сè

Веќе позната ни е состојбата во македонскиот женски ракомет. Просечните клубови од сезона во сезона исчезнуваат од ракометната мапа, а на големите таленти не им останува друго освен да се откажат.

Во источна Македонија женскиот ракометен клуб Овче Поле – СУ од Св. Николе е центар на регионалните ракометни случувања. Клубот оваа сезона игра во Супер лигата во Македонија (единствената лига) и бележи солидни резултати со младиот ростер на ракометарки. 24 Ракомет разговараше со најдобрата поединка од составот на Овче Поле – СУ, Јованка Китановска, која одигра блескава партија против ЖРК Вардар на гостински терен, и со право го заслужи нашето внимание.

12804253_10154582309307977_2005112852_n

Раскажи ни ги твоите почетоци со ракометот?

КИТАНОВСКА: Со ракомет почнав да се занимавам на 10-годишна возраст најпрвин во школскиот тим, а веќе на 14 години почнав во клубот на Овче Поле. Тогаш трениравме во навистина тешки услови, немавме ниту сала, па моравме да играме на бетон. Но, само желбата за да успеам беше посилна од сè. Прв тренер ми беше Илија Бетувски, кој напорно работеше со мене и кој е најзаслужен што во нашето мало градче постои женски ракометен клуб.

Ракометот е единствениот спорт со кој се занимавала досега за кој како што вели „ И пак да се родам повторно би се занимавала со ракомет“.

Дали самата сакаше да бидеш пикер или таа позиција ја доби од својот тренер?

КИТАНОВСКА: Интересен е случајот со тоа како се најдов на пикерската позиција (ни раскажа низ смеа). Кога почнав да се занимавам со ракометот, не можев да ја фаќам топката како што треба и тренерот секогаш ме ставаше како пивот за да не им пречам на другите при додавањето на топката. Бев најмала во клубот и на самиот старт немав ниту сила, ниту височина за некоја друга позиција, но имав преголема желба и голема упорност и работа заедно со тренерот Бетувски успеав да опстојам како пивот.

Јованка Китановска потекнува од познатиот ракометен град, Свети Николе, а досега покрај матичниот клуб играла за: ЖРК „Кожувчанка“ – Штип како и за ЖРК „Куманово“

Дали сè уште се сеќаваш на првиот натпревар?

КИТАНОВСКА: Секогаш ќе се сеќавам на тој натпревар. Првиот меч ми беше против екипата на Штип. Имав преголема трема, пред самиот натпревар им велев на нашите бекови да не ми ја додаваат топката на овој меч. Бев како седми играч во одбраната, но веќе следните не беа вакви.

Какво беше чуството да играш против тим како што е Вардар, во кој има многу познати ракометарки?

КИТАНОВСКА: Од секогаш сум посакувала да играм против големи клубови како што е Вардар. Тим со големи имиња и навистина претставува чест да играш против вакви играчи, мислам дека сите ракометарки во Македонија го имаат истото мислење. Имав трема пред самиот почеток на мечот, не беше сеедно. Сепак би сакала и да не загубевме со оваа огромна разлика, иако Вардар беше фаворит уште пред стартот на натпреварот.

 

12825265_10154582309312977_99719146_n

Имаш ли некој ритуал кој го практикуваш пред секој натпревар?

КИТАНОВСКА: Искрено и немам некој ритуал. Се што имам е самата помисла да излезам на терен и да го дадам својот максимум за дресот во кој играм.

Кој е твојот идол и кој според тебе е најдобар на твојата позиција?

КИТАНОВСКА: Кога бев помала и кога гледав ракомет секогаш сакав да бидам како Анџела Платон. За најдобра на мојата позиција би ја спомнала Драгана Цвијиќ.

Една од желбите и е да го облече дресот на некој голем клуб и да заигра во најелитното натпреварување, Лигата на шампионките.

Дали одлучи да продолжиш со ЖРК „Овче Поле – СУ“ и следната сезона или би играла во друг клуб?

КИТАНОВСКА: На почетокот од оваа сезона имав некои понуди, но ги одбив затоа што се уште имам договор со Овче Поле – СУ. Најпрвин би сакала оваа сезона да заврши без некоја повреда, да имаме добри настапи со клубот, па на крајот ќе одлучам каде би ја продолжила кариерата.

Кое е твоето мислење за моменталната состојба во македонскиот ракомет?

КИТАНОВСКА: Жалосно. Навистина е жално, има само осум екипи и една лига. Некогаш беа две лиги со по 12 екипи.

Би сакала ли некогаш да го носиш репрезентативниот дрес?

КИТАНОВСКА: Уште кога почнав да се занимавам со ракометот голема желба имав да станам репрезентативка на Македонија, но за жал оваа желба се уште не ми се остварила.

Се уште не размислува за повлекување од ракометните терени, барем не уште неколку години. Но, веќе сега знае дека кога би ја завршила кариерата …

КИТАНОВСКА: Би сакала да бидам тренер за моето знаење да им го пренесам на децата. Дури и сега кога имам повеќе слободно време му помагам на тренерот околу помладите деца, почетниците, и ова на некој начин ми е почетокот во тренерските води.