24Ракомет ве запознава со лидерот на ЖРК Пелистер – Викторија Мурговска: Треба да се игра со срце и страст

Женскиот ракомет во Македонија во последните години на клубски и репрезентативен план е на ниско ниво. Со исклучок на ЖРК Вардар кој на клубски план е далеку поквалитетен тим, во македонската лига од останатите противници и нема реална конкуренција. Во ракометните центри каде ракометот беше спорт број еден, денес  женскиот ракомет е исчезнат од ракометната мапа.

Градот на “Конзулите” одамна немал женски тим, а ЖРК Пелистер од оваа сезона го враќа женскиот ракомет во Битола. 24Ракомет.мк разговараше со ракометарката од ЖРК Пелистер – Викторија Мурговска за нејзината ракометна кариера, целите и амбициите на новиот суперлигаш, ЖРК Пелистер.

Раскажете ни повеќе за почетоците на вашата ракометна кариера?

За да зборувам за ракомет не можам а да не ја спомнам гимнатистиката. Се што треба да поседува еден спортист се здобива тренираќи гимнастика. Почнав да тренирам  на пет години се до тринаесеттата. За тие осум години успеав да станам шампионка на Македонија во категориите: пионерки, помлади јуниорки и јуниорки. Љубовта кон гимнастиката со помош на моите први тренери легендите – Билјана и Боро Чурлевски ја пренасочив кон ракометот. Тие ме научија на основните работи, а пред се да играм со срце и страст.

Прв клуб ви беше Феникс кој брзо згасна поради финансиски проблеми. Опишете ни го подетално периодот кој го поминавте играјќи во овој клуб. Колку овој клуб влијаеше на правецот во кој се движи вашата кареира?

Во Феникс бев четири години, практично од самиот почеток на женскиот тим бидејќи  до тогаш постоеше само машкиот клуб. Со сите девојки трениравме сите години и напорно се спремавме за влез во супер лига. Кога конечно обезбедивме влез во супер лига и по одигрувањето на првиот натпревар клубот згасна. Бевме едно големо семејство. Благодарение на Феникс  имав можност да учествувам  на најголемите ракометни турнири во светот кои се одржуваат во Шведска – Partiile cup I Lundaspelen и да се стекнам со непроценливо искуство.

Од Феникс, ги засиливте редовите на ЖРК Гевгелија која имаше солиден тим и позабележителни резултати во македонската лига, кои натпревари Ви оставија најголем впечаток во дресот на ЖРК Гевгелија?

Најголем впечаток ми оставија натпреварите против РК Жито Прилеп и ЖРК Вардар. Прилеп тогаш губеше само од ЖРК Металург, додека ЖРК Вардар имаше големи амбиции.  Имавме одлична подршка од навивачите, салата беше исполнета до последно место  за сите дерби натпревари. Имавме одлична подршка од публиката во Гевгелија која беше задоволна од тимот. Сите ракометарки бевме скоро на иста возраст , игравме тимски и остваривме добри резултати.

Во Жито Прилеп игравте две сезони. Какви се вашите видувања за играта на Прилеп?

Жито Прилеп имаше одличен тим, имаше и неколку репрезентативки на Македонија. Во првата сезона направивме голема сензација со победата против ЖРК Металург на домашен терен бидејќи тогаш екипата на Металург беше само еднаш поразена, токму од Жито Прилеп. Остваривме позитивни резултати и обезбедивме место во Европа.

Во рамките на КПК во сезона 2012/13 со Жито Прилеп остваривте две победи против  Лундегард и два пораза од Иси Париз, Ваши впечатоци за натпреварите на меѓународна сцена?

Против тимот од Шведска одигравме одличен натпревар, имавме голема подршка од трибините и сите ракометарки го дадоа максиумот. Натпреварот против Лундегард ми остави најголем впечаток во дресот на Жито Прилеп. Во следната рунда немавме среќа и го добивме незгодниот Иси Париз.

Кои се целите и амбициите на ЖРК Пелистер?

Сите во клубот се млади и прв пат играат во Супер лигата. Амбициите на ЖРК Пелистер се да се направи стабилен клуб и да се задржат сите ракометарки со тоа што ќе се зголемува квалитетот на услови кои ќе ги нуди клубот. Во однос на амбициите е да бидиме четврти на табелата , но се подразбира и да се потрудиме да ја надоградиме нашата игра на домашен терен да можеме да се носиме со вториот тим на ЖРК Вардар и ЖРК Металург.

Дали очекувате враќање на љубителите за женските суперлигашки дуели во Битола?

Се надевам дека во иднина ќе не подржува поголем број на публика и секако и „Чкембарите“.  Некако е подзаборавен женскиот ракомет во Битола, бидејќи се е сконцентрирано околу машкиот ракомет. Ние сме нови и мислам дека ќе имаме подршка како и кај машкиот клуб, но одиме чекор по чекор.

Во рамките на Лига на шампионите, кои се вашите омилени тимови?

Во женска конкуренција навивам за Ларвик, додека во машката конкуренција ги подржувам двата тима од нашата земја- РК Вардар и РК Металург.

Како ја гледате состојбата на домашните играчи во однос на странците?

Кај нас секогаш поголема важност им се придава на странските играчи. Сметам дека треба малку повеќе да се цени она што е македонско.

 

 


Фотогалерија:

DSC_0843DSC_0857