24Ракомет АНАЛИЗА: Андон Бошковски за четврт-финалниот натпревар меѓу ПСЖ и Веспрем


ГРАФИЧКИ ПРИКАЗ НА КВАЛИТЕТ ИЗРАЗЕН ВО ПРОЦЕНТИ СПОРЕДЕНО ПО ПОЗИЦИИ НА ДВЕТЕ ЕКИПИ

pszvesp

Доколку се бара дерби на четвртфиналните натпревари на ЕХФ Лигата на шампиони во машка конкуренција, тоа секако е дуелот помеѓу овие две екипи. Секако доколку некој се запраша зошто баш тие ќе биде во право бидејки во минатото ниту еден од овие два клуба немаше некој голем резултат. Последниве години ПСЖ, а особено Веспрем години наназад, претставуваат едни од финансиски најсилните клубови во Европа.

Најпрво ќе започнам со анализа на екипата на ПСЖ. Во својата премиерна сезона во ЛШ (2013-2014) милионерите од Париз донесоа големи ракометни имиња во своите редови, но и тоа не беше доволно за блескави настапи. ПСЖ цела сезона ја одигра топло-ладно, а како капак на сѐ ја изгуби титулата во домашното првенство. Оваа сезона направија некои корекции во составот и мислам дека имаат далеку подобри настапи годинава. Фокусот ќе го ставам на еден од најдобрите ракометери во изминативе 10-15 години, Тиери Омејер, човекот кој години наназад е еден од клучните играчи на триколорите. Репрезентативниот бран засилувања го заокружија левиот бек Акамбре и десниот бек Барашет. Ова е многу важно бидејки сите тие се ракометари кои знаат како се освојуваат титули, кои кога ќе ги додадете на стариот ростер добивате една одлична екипа. Играта не им се разликува премногу од минатата сезона, тактички сè е идентично, но за разлика од лани сега ги добиваат натпреварите кои лани по дифолт ги губеа. Затоа и напоменав претходно дека моментално се многу посилни од минатата година.
Во однос на противникот доколку се дозволи добро познатата “трчај и пукај” игра ПСЖ има шанси, но за да се реализира тоа Омејер мора да има 15 до 17 интервенции на натпреварот. Со должна почит на играчката кариера во која освои многу медали со репрезентацијата, сметам дека тренерот на Париз, Филип Гарден не е на нивото на оваа екипа и натпреварување за да може нешто тактички да промени на натпреварот. Исто така голем минус за ПСЖ е немањето ракометна публика и играњето во своја сала.
За разлика од ПСЖ, Веспрем е ракометна гордост на Унгарија, но долгите години на ивестирање во овој клуб не ги дадоа резултатите кои фановите ги очекуваа многу порано. Секоја година во Веспрем беа доведувани голем број квалитетни ракометари, но секогаш нешто недостасуваше. Последниве две години како да се склопија коцките, со доведувањето на Наѓи и преземањето на клупата од страна на шпанскиот стратег Ортега играта на Веспрем доби физиономија и мислам дека оваа година се најблиску до освојување на ЛШ. Играат одлично поставена 6-0 одбрана која лесно се транформира во 5-1 со Угалде како преден човек и нормално совршено одиграна полуконтра која доколку не се заврши со гол, алтернативно имаат одличен продолжен напад во кој Чема Родригез и Наѓи наоѓаат решенија со помош на одличниот Сулиќ.


ГРАФИЧКИ ПРИКАЗ НА КВАЛИТЕТ ИЗРАЗЕН ВО ПРОЦЕНТИ СПОРЕДЕНО ПО ПОЗИЦИИ НА ДВЕТЕ ЕКИПИ

psgves-1

Сите овие карактеристики според мене ја ставаат екипата на Веспрем во улога на фаворит. Едно е сигурно, а тоа е дека ќе гледаме одличен ракомет.