24Интервју со Дејан Манасков: Сите ја очекуваме првата европска титула

Дејан Манасков ја остави зад себе лошата епизода во Рајн Некар и сезонава игра одлично во унгарскиот шампион Веспрем. Македонското репрезентативно крило оваа сезона ја има довербата на тренерот Врањеш, а со својата игра само го потврдува својот потенцијал и квалитет. За трансферот во Веспрем и за тоа што ја очекува Македонија од ЕП во Хрватска, Манасков зборува во интервјуто за 24Ракомет.

Во националниот тим сега повеќето играчи доаѓаат од различни клубови за разлика од пред две години, кога сите репрезентативци беа стационирани во неколку клубови.

„Ние сме заедно веќе долго време и добро се познаваме. Сите играат во своите клубови, имаат минутажа, некогаш бевме сите заедно во Македонија, сега сме малку лево-десно. Но сега е уште поубаво на репрезентативните собири, кога нема да ги видиш сите долго време.“ – низ смеа коментира Манасков.

Тој мина една сезона во германскиот шампион Рајн Некар Левен и добро ги познава Германците, кои се стојат на патот на Македонија кон висок резултат на ЕП.

„Германија како Германија, главната улога ја има тренерот, зависи кој стил на игра го негува. Таму играат брз ракомет, со јаки одбрани, „run and gun“, за млад играч е големо искуство да може да игра во Бундес Лигата.“ – вели левото крило.

Летово тој смени втора држава, а трет клуб во интернационалната кариера. Унгарците се секогаш силен противник но им недостасува титула во Лигата на шампионите да го комплетира конечниот изглед. За атмосферата во Веспрем македонскиот репрезентативец потенцира:

„Сега за сега е одлично, кога победувате сè е супер. Имавме одличен старт на сезоната, иако сега загубивме на некои мечеви. Има супер атмосфера, добар екипа, добар тренер, сè е одлично.“

Врањеш го применува системот од Фленсбург и во Веспрем.

„Го негува тој стил на игра. Тој брз стил на ракомет, брз центар, многу трчање, доста добро функцинираме на тој начин. Некои работи ги задржа од претходно, во одбраната не се смени многу, но нападот го направи во негов стил.“ – вели Манасков.

На почетокот на сезоната Веспрем остана без еден од најдобрите светски играчи, Арон Палмарсон.

„Искрено ништо не поремети во Веспрем неговото заминување, можеби е еден од најдобрите играчи во светот, кој ако не игра не е задоволен. И за него и за тимот беше подобро што си замина, бидејќи не е добро да имате незадоволни играчи во екипата и не може да го даде тоа што се бара од него. Не влијаеше тоа многу на тимот, затоа што не беше тука од почеток со нас и не се забележува дека недостасува.“

Како и секогаш  унгарскиот шампион има високи амбиции оваа сезона во Лигата на шампионите. За тоа дали токму Врањеш беше последната состојка за успешен рецепт Манасков коментира.

„Веспрем е многу години наназад на Ф4, но никако да ја освои титулата. Тоа е главната цел и оваа сезона. Многу се инвестира години наназад и секако ја очекуваат таа прва европска титула. Тоа ни беше кажано уште на старт на сезоната дека целта е да се освои ЛШ. Сега засега играме добро, иако не сме на тоа топ ниво, мислам дека после Нова Година ќе бидеме уште подобри и дека во јуни ќе биде најдобри.“ – вели Манасков.

На ЕП, Македонија ќе се соочи со познати противници.

„Со сите репрезентации имаме играно, Нема што да се крие, тоа е ЕП, три дуели во пет дена, имаме поволна група, противници со кои може да се носиме и да се надигруваме, иако на ЕП нема лесен противник, ќе одиме од натпревар во натпревар. Германија е фаворит против нас, Словенија исто така, а ние ќе ја имаме таа улога против Црна Гора. Германците имаат одлични играчи, играа добро на последните првенства. Може да одлучуваат нијанси, но не би требало да не отпишуваат ниту на дуелот со Бундес тимот. Имаме добар тренер, ќе видиме како ќе биде кога ќе дојде време.“ – вели Манасков.

Раул Гонзалес го скрати списокот на 21 играч и на него немаше поголеми изненадувања. Веќе со години националениот тим го предводи Кирил Лазаров, а покрај оние стандардни 18 репрезентативци шанса во епизодна улога добиваа многу ракометари, но ниту еден не се наметна како вистинско и трајно решение.

„Тимот е тој што е, немаме ние многу играчи во ротација. Тие сме 30-40 кои можат да одговорат на тоа што се бара во националниот тим. Има и млади играчи што доаѓаат, ова за нив ќе биде големо искуство. Јас бев во слична ситуација на ЕП во Србија кога имав 19 години, и знам дека некој од нив ќе биде предводвник во следните години после пензијата на Кире. Треба да се стрпиме, да не се форсираат за да не изгорат предвреме, јавноста да се стрпи, да не ги критикува толку. Тие се индината, заедно со нас помладите од оваа генреција и верувам дека тие ќе го носат националниот тим во иднина.“ – завршува левото крило.

Македонија својот пат на континенталниот собир го започнува на 13 јануари против Словенија, клучниот натпревар-показател на амбициите и можностите на овој состав под шпанска команда.