Џексон Ричардсон: Ја прифатив шансата да се вратам во ракометот

Една од најголемите ракометни легенди, и најдобар ракометар за 1995 година, Џексон Ричардсон(45), се враќа на ракометните терени на задоволство на сите љубители на ракометот. Функцијата помошник тренер во екипата на Шамбери која ја прифати како нов предизвик во средината на јуни, е новата улога во која Џексон Ричардсон ќе го пренесе своето ракометно знаење и искуство.Ричардсон веќе има тренерска лиценца,а во интервјуто дадено за познатиот ракометен портал”Хендбал-Ворлд” говори за амбициите на својот клуб во новата сезона, за новиот почеток во светот на ракометот, и за моменталната ситуација во клубот.

Екипата на Шамбери била во потрага на помошник тренер на екипата, а изборот паднал на некогашната легенда на клубот, можност која Џексон ја прифатил со големо задоволство:

Клубот ме контактираше, бидејки бараа човек за позицијата помошник тренер во клубот откако Лорен Муниер се одлучи комплетно да и се посвети на позицијата менаџер. Не размислував премногу и ја прифатив шансата да се вратам во клубот и во ракометот воопшто. Сега имам чуство како никогаш да не сум го напуштил Шамбери.

За моменталната ситуација во подготвителниот период вели дека тимот се соочува со одредени проблеми, но тоа е сосема нормално за подготвителниот период, и дека главна цел е екипата да биде подготвена за почетокот на сезоната.

Сеуште сме во текот на подготовките за престојната сезона. Нормално е некој од играчите да бидат повредени, но во овој момент таа ситуација воопшто не ни одговара. Тешко е да ја подготвите екипата во таква ситуација. Сеуште сме во очекување на враќањето на Дамир Бичаниќ кој има проблеми со рамото, Тимотеј Гусан не е 100% подготвен, а и некој други ракометари штотуку се вратија на ракометниот терен. Имајки предвид дека сезоната треба да започне наскоро, ситуацијата во која се наоѓаме не ни оди во прилог. Сеуште ја темпираме формата, работиме напорно, и се надеваме дека до почетокот на сезоната ќе бидеме на потребното ниво.

Полека дел од клучните ракометари се враќаат и се приклучуваат во работата на екипата.

Дел од ракометарите како што се Пјер Патурел, Марко Паниќ и Александре Трита се приклучија на екипата, и со добра работа се надевам дека ќе се вратат во посакуваната форма.

За тоа на кои работи треба да се посвети повеќе внимание за екипата да има успешни настапи на сите фронтови на кои настапува, Ричардон вели:

Екипата треба да работи паралелно на играта и во одбрана и во напад. Сеуште ја бараме нашата игра, и треба да бидеме максимално подготвени за почетокот на сезоната. Токму затоа во подготвителниот период имавме натпревари против екипи кои се посилни од нас. Тоа ни помага да видиме до каде сме во овој момент, но сигурно имаме уште многу да работиме. Се обидувам да помогнам со моето знаење и искуство. Знам многу добро како се чуствуваат ракометарите, и да бидам искрен сеуште помалку се чуствувам како да сум дел од нив.

За повредата на Тимотеј Гусан која дојде во незгодно време вели:

Тој има повреда на зглобот, но не е ништо сериозно и ќе може да настапи на отворањето на сезоната на 10 септември во Тулуз. Нашиот медицински тим работи вредно, и се надевам дека до почетокот на сезоната ќе ги имам на располагање сите ракометари.