ЉУБОВ ОД РАКОМЕТНИТЕ ТЕРЕНИ

Да се роди љубов меѓу двајца спортисти кои својата професионална кариера ја градат во ист спорт не е нешто ново или несекојдневно. Во една таква македонска љубовна приказна главни ликови се младите и надежни ракометари, Филип Талески и Матеја Серафимовска. Двајцата имаат по дваесет години, членови се на „ сино-белото“ семејство од Автокоманда и се дел од репрезентациите на Македонија во машка односно женска конкуренција.

Повеќе за нивната приказна прочитајте во интервјуто за 24Ракомет.

Да ја запознаеме јавноста со вашата приказна. Како и каде се запознавте со Матеја?

Филип : „ Поради тоа што и двајцата сме ракометари логично е да се запознаеме на ракометните терени. Нашата приказна започна на Медитеранските игри во Мерсин во 2013 година каде што настапувавме со нашите репрезентации. “

Бидејќи и двајцата сте ракометари дали си давате совети во врска со игрите на терен и општо во кариерата?

Матеја: –  „ Се разбира дека си помагаме и си даваме совети еден на друг. Покрај моето семејство, Филип е мојата најголема поддршка, а исто и јас нему. Критиките кои ги добивам од него се најдобронамерни. Јас ги прифаќам и нормално  се трудам да се корегирам.

filip&mateaphotoset-20

Дали професионалните обврски ви се пречка во врската?

Филип: – „ Голем дел од моето време е посветено на ракометните обврски, но секој слободен момент гледам да го искористам заедно со моето семејство, со пријателите и Матеја. Ние двајца имаме големо разбирање еден за друг кога станува збор за ракометните ангажмани. Двајцата знаеме што и колку значи ракометот во нашиот живот и обврските поврзани со ракометот не се никаква пречка во нашата врска.

Дали се случува едниот да пропушти некој натпревар на другиот?

Матеја:  – „ Нормално е да има и такви ситуации. Понекогаш доколку сме на патување или пак имаме тренинзи или натпревари е невозможно да сме во сала и да си дадеме поддршка, но секогаш кога имаме прилика сме на трибините и го бодриме партнерот.

Имате ли идол од ракометниот свет? Некој на кој му се восхитувате или од кого „крадете“ потези во играта?

Филип: – „ Од почетокот на мојата кариера идол ми е чешкиот репрезентативец, Филип Јиха. Но ние помладите можеме многу да научиме и од нашите, домашните ракометари како Кирил Лазаров и Пепи Манасков . “

filip&mateaphotoset-13

Како го поминувате заедничкото слободното време?

Матеја: – „ Секој слободен момент се трудиме да го поминеме заедно во долги прошетки. Понекогаш гледаме некој добар филм, а често одиме и на викенди надвор од градот.

Се случува ли некогаш да се скарате за работи поврзани со ракометот?

Филип: – „ Многу често дебатираме за ракометот, си даваме совети, се критикуваме. Тие совети и критики понекогаш можат да доведат и до кавга… “

Филип, престои настап на Европско младинско првенство во Данска, кои се твоите очекувања од репрезентацијата?

Филип – „Во Данска ќе играме во една од потешките, ако не и најтешка група. Добро ги анализиравме противниците и добро се подготвуваме за сите. Секој играч во репрезентацијата има свое задолжение и јас сум сигурен дека сите мои соиграчи ќе го дадат својот максимум за да оствариме што подобар резултат.“

filip&mateaphotoset-18

Металург е подмладен, што да очекуваме од овој состав во сезоната што  престои?

Филип: – „ Нашиот тренер, Лино Червар воведува нова стратегија и сака да докаже дека светот останува на младите. Новата сезона за нас е уште еден голем мотив за што подобра работа и за добар настап во Лигата на Шампионите и СЕXА лигата.

Лино Червар како нов селектор на машката сениорска репрезентација започна со процесот на подмладување. Колку младите можат да се носат со товарот во сениорската репрезентација?

Филип: –„ Нормално е да се случи промена на генерации во една репрезентација. Сметам дека ние помладите кои добивме ваква шанса треба максимално да ја искористиме. Ова е големо искуство за нас, а и чест е да се бранат боите на својата земја.

Матеја, што е за тебе потешко, да бидеш директен учесник на еден натпревар или да го гледаш Филип на теренот?

Матеја: – „ Двете работи си имаат своја тежина. За мене лично е помалку стресно кога стојам меѓу стативите отколку кога ги гледам натпреварите во кои учествува Филип. За еден спортист е многу потешко кога следи еден натпревар од трибини отколку кога е директен учесник во тоа што се случува на теренот. “

filip&mateaphotoset-17

Дел од клучните играчи на женскиот тим го напуштија Металург? Како ќе влијае ова на екипата во сезоната што е пред нас?

Матеја: – „ Вистина е дека неколку ракометарки го напуштија клубот. Но ова според мене значи дека сега нам помладите ни е редот да се бориме. Сега е времето да напредуваме, да покажеме дека вредиме и да оствариме што подобри резултати оваа сезона.

Каде се гледаш  себе си во иднина?

Матеја: – „ Како и секој спортист и јас се гледам себеси во некоја сериозна екипа. Се надевам дека ќе бидам дел од тим кој настапува на големи натпреварувања како Лигата на Шампионите. Кога станува збор за македонската репрезентацијата посакувам и се надевам дека во иднина ќе имаме подобри успеси и врвни резултати.“