Јунаците на мака се познаваат…

Точно пред почетокот на натпреварот меѓу Македонија и Швајцарија, репрезентативците на Ивица Обрван ќе ја дознаат тежината на натпреварот кој ги очекува. Франција допатува во Брно туристички, и растоварена од резултатскиот притисок ќе се спротивстави на репрезентацијата на Чешка, но без Никола Карабатиќ и Вилијам Акамбре. Овојпат Мае ќе има шанса да се докаже пред селекторот Онеста, а помош ќе има од некогаш најдобриот ракометар на планетата, Даниел Нарцис.
Од друга страна, репрезентацијата на Чешка покрај отсуството на нивниот најдобар поединец, Филип Јиха, сигурно ќе го даде својот максимум за возбудлив вовед во последниот натпревар во Скопје.
За прв пат македонската ракометна федерација се соочи со проблем околу собирот на сите интернационалци во македонскиот состав, за прв пат повеќе од половина повикани репрезентативци настапуваат во првенства надвор од Македонија и за прв пат голем дел од нив го откажаа своето присуство. Причините се различни, времето за делување измина, останува да се збијат редовите и со нова стратегија да се обезбеди нов пласман на големо натпреварување. Изминатите денови имаше многу прашања, а малку одговори.
Веројатно сè ќе беше поинаку да не се случеше повредата на моторот на репрезентацијата. Капитенот Кире Лазаров ја плати првата титула во Лигата на шампионите со повреда на задната ложа на ногата, а неговиот настап во Сент Гален ќе биде неизвесен. Тука започнуваат и завршуваат сите проблеми. Дефицитарната десна бековска позиција ќе биде најранливиот сегмент од играта на македонската репрезентација, а надворешната шутерска линија ќе треба да ја покрива Филип Лазаров или младиот Филип Талески.
Македонија ќе мора да се потпре на брзата транзиција доколку сака резултатски да го контролира натпреварот, а брзата транзиција не беше одлика на стилот на игра на македонските репрезентативци. Клучен елемент секако ќе биде одбраната, која е единствениот комплетен сегмент во мозаикот на македонскиот состав. Но не е доволна само компактноста во одбраната, пресудни за конечна победа ќе бидат и голманските интервенции. Формата на Борко Ристовски не е како онаа „министерската“ од Европското првенство во Србија, но речиси 30% одбранети удари оваа сезона во францускиот шампионат влеваат надеж за квалитетен натпревар, Петар Ангелов имаше одлични партии во Лигата на шампиони и СЕХА лигата и ќе донесе поголема стабилност на голманската линија.
Дејан Манасков, Филип Миркуловски и Гоце Георгиевски се во оптимална натпреварувачка форма, првенствата во кои се натпреваруваат имаа свој крај пред неколку дена и тие ќе треба да го изнесат поголемиот дел од товарот на овој натпревар, нивна поддршка ќе бидат тројцата ракометари на новиот македонски шампион Вардар. Прибак, Лазаров и Стоилов, заедно со останатите македонските репрезентативци класата и квалитетот кои ги поседуваат треба да го покажат на терен во Сент Гален кога најмногу треба зошто, јунаците на мака се познаваат…