Јована Саздовска: Сами сме заслужни за нашите подвизи и падови

Една од посилните страни на македонската ракометна репрезентација е левата крилна позиција на која настапува младата и талентирана Јована Саздовска. Дваесет и две годишната ракометарка одигра одлично во претходните неколку сезони во дресот на македонскиот вицепрвак и е еден од носителите на играта во клубот од Автокоманда.
Талентираната Јована има неколку титули со Металург од домашното првенство, а после дебито во репрезентативниот дрес на осумнаесет годишна возраст зад себе има повеќе од дваесетина настапи за националниот тим.

Jovana 3

Во продолжение дознајте повеќе за иднината на македонскиот ракомет преку интревјуто на Саздовска за нашиот портал 24ракомет.

-Раскажете ни повеќе за Вашите ракометни почетоци?

Уште од мали нозе се стекнав со голема љубов кон спортот затоа што доаѓам од спортскo семејство. Мајка ми во нејзините училишни денови се занимавала со атлетика и ракомет, мојот брат играше фудбал исто како и мојот татко кој всушност е најголем виновник што денес сум во ракометниот свет. Можеби ќе звучи комично но секој ден на паркингот пред зградата каде што живеев, играв фудбал со пријателите од маало. На 12 годишна возраст татко ми ме однесе во салата во Автокоманда и ме запиша во јуниорските категории и од тука започна мојата ракометна приказна која се претвори во животна авантура.

-Од почетокот на Вашата кариера настапувате за Металург. Како сте задоволни од условите во овој клуб?

Доколку погледнеме назад за тоа каква била ситуацијата порано и какви е сега, можам да кажам дека условите во Металург се задоволителни, затоа што во зимскиот период имаме топла сала, фитнес просторија и професионален тренерски кадар што во нашата лига не е честа појава. Но, јас не би била спортист со спортски став и менталитет ако кажам дека нема место за напредок и дека не може подобро.

Од неодамна станавте член на македонската сениорска женска репрезентација. Што значи за Вас да ги браните боите на државата?

Можеби мојот одговор ќе ви звучи излитено и премногу често досега сте можеле да слушнете дека е преголема чест и одговорност да се облече црвено-жолтиот дрес. Но нема поголем набој на емоции и секогаш ме лазат морници во моментот кога ќе застанам мирно на паркетот пред македонското знаме во моментот кога се свири нашата химна затоа што е време да се бранат националните бои. Ние сите работиме како едно, веруваме во нас и во селекторот. Се надевам и убедена сум дека и успесите ќе дојдат наскоро ако продолжиме во иста насока.

-Македонија во моментов е далеку од „ракометната елита“. Што треба да се направи за Македонија да се врати на старите патеки?

Ова е многу комплексно прашање и најкомпетентен одговор би ви дале оние што се на самиот врв и што се задолжени да го изведат македонскиот ракомет на вистински пат. Сите проблеми треба да се решаваат од самиот почеток, односно на сите потешкотии треба да се работи „од корен“. Спортот ширум Европа е профитабилен бизнис и за да се подобриме, мое мислење е дека треба да почнеме со долгорочен проект. Да ги подобриме условите, со тоа ќе го засилиме првенството, да се привлечат спонзори, редно време и ние да ги добиваме нашите ветени примања како што ни се потпишани договорите, а со тоа играчите ќе бидат помотивирани. Ова би бил само почеток и понатаму нештата би се развивале.

-Колку младите ракометарки во Македонија добиваат шанса да ги покажат своите квалитети?

Сеуште се категоризирам за релативно млада ракометарка и го немам потребното искуство за давање совети. Очигледно е дека нашето поднебје изобилува со талентирани млади спортисти и сметам дека клучот за успех е да се верува во себе до степен да никој не може да ве разубеди дека вие не можете ова или тоа, дека не припаѓате вами или таму. Без вперување на прсти ние сами сме заслужни за нашите подвизи и падови. Само напорна работа и ниеден тренер нема да ви го одземе правото да ги покажете своите квалитети. Верувам дека правоаголниот терен ги има сите одговори.

Jovana 4

-Што можеме да очекуваме од Металург до крајот на сезоната?

Што се однесува до нас ракометарките, а мислам нема да згрешам ако кажам во името на сите нас дека нема да дадеме ништо помалку од максимумот. Ќе работиме чекор по чекор, натпревар по натпревар, а резултатите ќе го кажат своето.

-Дали одсекогаш сте играле на истата позиција?

На почетокот почнав како лев бек како и на централната позиција за на крајот да си го најдам своето место покрај левата аут линија, како лево крило. Тука се чувствувам најпријатно затоа што таа позиција најмногу одговара на самиот склоп на моите физички предиспозиции каде што можам да го искористам мојот долг чекор на брзите контра напади.

-Доста вложувате во себе, што е видливо по вашиот физички изглед. Во што е тајната?

Ви благодарам на комплиментот. Тајна некоја и нема. Имам свое правило од три компоненти “напорна работа, напорна работа и напорна работа”. Доколку не сте физички подготвени нема да можете да покажете што навистина знаете и умеете. Односот и работната етика во однос на спортот мора да бидат на високо професионално ниво и тој бара многу жртви и време. Сакам да напредувам и скратувам од излегувања преку викенд и други слични активности затоа што ако дојдеме во онаа комфорт зона и одмараме, знајте таму некаде некој друг работи уште понапорно за да ги оствари своите цели и ќе биде подобар од вас. Јас како перфекционист сакам да сум најдобра во тоа што го работам и не можам да си дозволам приватниот живот да ме одвлече далеку од ракометната сала.

-Кои се Вашите амбиции за во иднина?

Генерално животот не го сфаќам премногу сериозно. Предизвици и шанси доаѓаат и си одат секојдневно. Некои се надвор од наша контрола, а на оние другите секогаш ќе бидам тука да одговорам соодветно. Можеби ќе згрешам, можеби ќе имам среќа, а ако имам среќа ќе се натпреварувам во Лигата на Шампионите и ќе се здобијам со некој медал со репрезентацијата. Идеално би било овие успеси да се со екипата на Металург. Мое е да се борам, а каков крај на приказната ќе има сеуште е рано да се каже. Мислам дека кариерата е пред мене и се надевам на многу подобри денови во македонскиот женски ракомет, со домашни ракометарки.

ФОТО: ФИЛИП ВИРАНОВСКИ

ФОТОГАЛЕРИЈА

[gallery_bank type=”images” format=”masonry” title=”false” desc=”false” responsive=”true” display=”all” sort_by=”random” special_effect=”grayscale” animation_effect=”fadeIn” album_title=”false” album_id=”33″]