Штербик ги донесе првите два бода за “црвено-црните” во Лигата на шампионите

Бледо издание на “црвено-црните” во премиерниот натпревар од Лигата на шампионите. Вардар се враќа во Скопје со два бода по минималната победа 26-27 во Златорог арената против екипата на Целје.
Првото полувреме го одбележаа многу проблеми во реализација на нападот на Вардар особено кога силите на теренот беа изедначени. Вардарци ги постигнаа речиси сите погодоци со играч повеќе или помалку. Фактот што ова беше прва средба против Целје, им овозможи на домаќините да го употребат елементот на изненадување. Агресивна и подвижна одбрана и брза транзиција во напад беа нерешлива загатка за Раул Гонзалес. Во 19 минута со голот на Благотиншек, Целје поведе со највисоките 5 голови предност 10-5. Карачиќ не успеа да го пронајде вистинското решение во нападот во текот на целиот натпревар, а Ален Тоскиќ во првиот дел беше немоќен на линијата од 6 метри. Арпад Штербик беше движечката сила на порозната одбрана на Вардар. Со неговите одлични интервенции тој овозможи второто полувреме да го стартуваат од почеток по нерешените 12-12 од првиот дел. Душебаев со петте погодоци во првиот дел беше единствениот расположен играч во нападот на “вардарци”.
Миклавчиќ по паузата повторно ги доведе словенечките ракометари во предност, која Зарабец само ја зголеми за 14-12. Вардар неколкупати го изедначи резултатот, но она што го одбележа натпреварот беше црвениот картон кој го заработи Лацковиќ во 41 минута, а изборениот пенал за домаќините го реализираше Звижеј за 19-16. Горбок и Карачиќ не беа на висина на задачата, затоа иницијативата ја превзема младиот Душебаев, тој на крај заврши како втор стрелец во редовите на “црвено-црните”со постигнати 8 погодоци. Повторно како и во првиот дел блескавото издание на новот засилување на “вардарци”, Арпад Штербик беше единствената светла точка на овој натпревар. Одличните 21 одбрани, меѓу кои и најзначајната во последната минута од натпреварот при резултат 27-25, се единствената причина за првата победа на Вардар во новата сезона од Лигата на шампионите.
Покрај Душебаев, солиден придонес на овој натпревар пружија Прибак, Чипурин и најпрецизниот ракометар на теренот Тимур Дибиров, кој постигна 11 погодоци. За екипата на Целје, Зарабец беше прецизен 10 пати.
Во следното коло, на 4 октомври, Вардар ја пречекува екипата на Чековски Медведи на премиерниот натпревар во СЦ “Јане Сандански”.