Шампионот со нова доминација: Норвешка убедливo до ново финале

Селекцијата која што ја брани титулата од последниот Мундијал, Норвешка си обезбеди ново финале откако денеска со убедлива игра успеа да го надигра ривалот од финалето во 2015 година.

Норвежанките славеа со 32:23 над Холандија откако во текот на целата средба беа во предност и доминираа. Уште во првиот дел обезбедија огромна предност и само ја одржуваа во текот на целиот меч.

Холандија немаше решение и имаше само два гола на средина од првиот дел од мечот. Таквата игра донесе голема предност за Норвешка која доминираше и имаше 10:2, па без поголеми проблеми оваа разлика се одржуваше и се зголемуваше.

На крајот на првото полувреме беше 17:10 за Норвежанките, кои знаеја до крај да издржат и да ја чуваат предноста. Таквата игра дури им овозможи последните десет минути да ги одиграат лесно и без притисок, па на крајот деветте гола разлика беа и повеќе од доволни за да се има целосен впечаток за направеното на овој полуфинален меч.

Овој дуел во многу наликуваше на средбата меѓу Норвешка и Русија од четврт-финалето кога Норвежанките доминираа, а противничките ракометарки немаа шанса да направат нешто.

Со оваа победа Норвешка си обезбеди ново финале на Мундијалите, а сега го чека ривалот кој ќе го даде пресметката меѓу Шведска и Франција.