Чеховски медведи не го дава тронот, освои нов Супер куп на Русија

Ракометарите на Чеховски медведи покажаа дека и понатаму се главни во машкиот ракомет во Русија, а денеска во Супер купот успеаја да го совладаат тимот на Спартак Москва кој најавува атак на тронот и вклучување во битката за титулите во оваа сезона.

Чеховски медведи славеше со 35:25 така што со убедлив триумф покажа дека нема да има шегување и сезонава со ракометарите од овој тим. И двете полувремиња завршија со по пет гола разлика во корист на освојувачот на трофејот, па Спартак Москва кој сезонава ќе биде ривал на Еурофарм Работник во СЕХА-лигата немаше многу шанса за да покаже нешто повеќе на овој дуел.

Со осум гола Косоротов беше прв стрелец во редовите на победничкиот состав, додека играчот кој е на мета на Вардар во последните 2-3 сезони, Денис Санталов беше зад него со шест гола. Киселев постигна два гола, а толку имаше уште еден поранешен вардарец, Деревен кој игра за Спартак Москва. Кај поразениот тим најефикасен беше Фокин со четири гола.