Четврти пораз за Работнички, Металург сигурно на врвот!

Во рамките на 11-то коло од македонската Супер лига, Работнички беше домаќин на лидорот во домашниот шампионат екипата на Металург. Во спортскиот центар Форца, тимот од Автокоманда беше поуспешен и со резултат 19-27 го задржа стопроцентниот ефект.

MAK (rakomet) Rabotnicki-Metalurg-1273

Божовиќ го отвори резултатот, а по седум минути без гол Работнички возврати преку Марсениќ за 1-1. Наредните шест минути им припаднаа на ракометарите од Автокоманда кои по првата четвртина имаа предност од 2-4. Изненадувањето го најави младиот Гајиќ со погодок за израмнување на 4-4, потоа следуваше погодок на капитенот Мојсоски и Марсениќ за 6-4, а највисоката предност од три погодоци во 18-та минута беше дело на Златко Мојсоски.

MAK (rakomet) Rabotnicki-Metalurg-1315

Пет минути беа доволни Металург комплетно да се врати во игра, а Палески во последните два напади беше прецизен за конечни 8-10 по првите триесет минути.

Во вториот дел металурзите со низа од пет погодоци ја продолжија серијата голови од првиот дел за 9-0 и висока предност од 8-15 во 39-та минута. Најдобриот поединец на теренот Јанко Божовиќ во 48-та минута ги постави највисоките осум голови  предност за 12-20. Со идентична разлика се заврши и натпреварот за конечни 19-27.

MAK (rakomet) Rabotnicki-Metalurg-1268

Најпрецизни во екипата на Металург беа Јанко Божовиќ со седум и Матиќ со пет погодоци. Кај домаќините Никола Маркоски и Златко Мојсоски постигнаа по четири погодоци. Во тимот на Работнички недостасуваа Милан Левов и Мите Стоилов, додека кај лидерот недостасуваа Дупјанчанец и тренерот Лино Червар.

MAK (rakomet) Rabotnicki-Metalurg-1214

По 11 одиграни кола, Металург со 100% учинок ја предводи македонската лига, додека Работнички падна на четвртата позција со ист број бодови како и третиот Прилеп.

ФОТО: ФИЛИП ВИРАНОВСКИ