Чесите одржуваат чекор со Македонија: Швајцарија поразена на свој терен!

Репрезентацијата на Швајцарија е поразена пред своите навивачи во ББЦ Арената во Шафхаузен во рамките на третото коло од квалификациската група 6 за ЕП2016. Селекцијата на Чешка по шеесет одиграни минути славеше победа со резултат 26-30 и по бројот на бодови се изедначи на табелата со Македонија.
Швајцарија 26-30 Чешка (12-14)
Почетокот на натпреварот навестуваше неизвесен дуел. Двете репрезентации постојано се менуваа во водството,а потребни беа точно триесет минути за првото водство од два гола. По досудениот седмерец на истекот на полувремето, Здрахала беше прецизен од линијата за седум метри за водство на репрезентацијата на Чешка од 12-14.
По паузата Швајцарците го вратија мотивот на терен, што резултираше со ново изедначување на резултатот преку Вон Дешванден и Реми за 14-14. Но, од 36-та минута ракометарите на Чешка преку серија од 3 голови во низа го создадоа првото водство од три погодоци за 15-18. Тоа беше и клучниот период на натпреварот кој значеше крај за надежите на Швајцарија. Највисоките пет погодоци предност за Чешка ги постави Хрска во 43-та минута за 19-24, а гостите ја одржуваа разликата до самиот крај кога Линигер со погодок во последните секунди од натпреварот ги постави конечните 26-30.
Најпрецизен во составот на Швајцарија беше Енди Шмит со седум погодоци, додека кај гостите Петровски постигна шест, а Здрахала и Бабак пет голови. Здрахала во 46-та минута од натпреварот заработи директна дисквалификација и крајот на натпреварот го проследи од трибините.
Македонија и Чешка имаат по три бода и се на второто и третото место на табелата, а по првиот меѓусебен дуел кој заврши без победник, во последното коло во Скопје директно ќе одлучуваат за последниот патник на Европското првенство во Полска. Неизвесни ќе бидат финалните дуели во јуни кога Франција ќе треба да го одигра својот натпревар против Чешка во Брно, а според селекторот Онеста ќе настапи без своите најдобри ракометари. Исходот од овој натпревар ќе има големо влијание за освојување на второто место во квалификациската група 6.

ФОТО: Алекс Виф (CFH/Alex Wipf)