Червар: Нека срцето ги победи и појаките од себе

Денес во 12:00, македонскиот шампион Металург ја одржа својата прва прес конференција во Лигата на шампионите 2014/2015. Повод е првиот натпревар на “сино-белите” против ракометниот гигант Париз Сент Жермен, кој Металург ќе го одигра пред своите навивачи во скопската арена “Борис Трајковски”.

Лино Червар, тренер на екипата на Металург:
Започнува Лигата на шампиони, прв противник ни е како минатата сезона ПСЖ, веројатно ја пратите ситуацијата и во нашиот клуб и во нивниот. Никаква новост не е ако кажам дека ПСЖ е огромен фаворит во недела. ПСЖ оваа сезона се засили со три битни играчи Омејер,без него не може да се замисли француската репрезентација, Акамбре одличен бек и Барашет кој можеби нема да го користат оваа сезона толку, но сигурно квалитетен играч, а кога ќе ги додадеме и Абало, Онрубија, Нарцис им фали само Карабатиќ и тука е цела ракометна репрезентација на Франција ако тука ги додадеме и двајцата ракометари од велесила како Хрватска, Вори и Копљар тогаш се сум кажал. Тврдам дека тие се најсилната екипа во свет. Но сигурно нема да се предадеме во недела. Одговорно тврдам ако успееме да оствариме позитивен резултат тогаш во недела треба да им се поклониме на нашите играчи. Потребно е да имаме тимска игра и тимски квалитет и тоа ќе биде победничката карта. Ако сакаме нешто да направиме во недела мораме срце да оставиме на терен со борбеност. Ќе одиграме повеќе врсти на одбрана, а од последниот тест не сме задоволни од одбраната што ја одигравме против Веспрем. Во транзицијата Нарцис тешко се запира, а на надворешните позиции се засилија со Акамбре. Искусни се и технички подготвени, очекувам голема подршка на нашите навивачи, а нас колку и да ни е тешко мораме да најдеме мотив и борбеност, нека срцето ги победи и појаки од себе. Тие имаат лошо искуство од Скопје и сигурно подобро ќе се спремат. Ќе ги искористиме сите расположливи ракометари имаме визија и работиме по нашиот пат. Мора време за мозаикот да се склопи, за Келн одлучуваат многу фактори на и вон терен. А на нас ни останува да одиграме борбено и публиката покрај се да каже дека Металург се борел херојски.

Наумче Мојсовски, капитен на македонскиот шампион:

Јас како капитен можам да кажам дека играчите со нетрпение го очекуваат натпреварот. Минатата сезона не беа фокусирани на нашата игра и прв пат гостуваа во Скопје. Наше е да одиграме најдобро, речиси 80% од тимот е ист како и лани, ќе треба да одиграме ангажирано за да го повториме минатогодишниот натпревар. Мора да се спречи нивната транзиција само таа е една од поголемите проблеми за нас, нашите измени ќе се обидат да ги искористат за лесни голови, а нашата цел е да ги спречиме.Натпреварот може да не биде убав на око но, мораме да ја цениме топката и да не ја губиме лесно. Нашата тактика ќе биде смирено до крај, што повеќе ја гушиме топката тоа подобро за нас. Ако излеземе со смирени глави ќе биде добар натпревар.

Левче Китевски, претседател на клубот:

Мислам дека сме единствена екипа која од квалификации влегуваат во 16 најдобри три пати по ред, а два пати меѓу најдобрите осум. Наша цел е да поминеме група. Од мое име и од името на мојот тим сакам да се заблагодарам и да ветам дека ќе дадеме се од себе за да овозможиме одлична организација за нашиот прв противник. Во недела ќе го видите правиот клуб. Имаме две цели за оваа сезона тоа се пласман меѓу првите 16 во ЛШ и да го одбраниме насловот првак во Македонија.