Циндриќ: Би сакал да тренирам со фудбалерите на Барса, сигурно нема да се посрамотам

Лука Циндриќ по само една година помината во Келце си замина и наредната сезона ќе го носи дресот на Барселона. Тој не се наигра сезонава заради повредите, но сепак успеа да се опорави во финишот и да учествува на Ф4 турнирот во Келн со полскиот тим.

Трансферот во Барселона претставува негово остварување на детскиот сон што и самиот го пoтврди во изјавата по потпишувањето на договорот.

„Кога дознав дека се интересира Барселона мислев дека е невозможно. Па дури и по првите преговори не можев да поверувам. Јасно ми е какви амбиции има Барселона и тие одговараат на моите лични цели. Знам дека очекувањата ќе бидат високи, но јас сум подготвен за предизвик и да ја преземам одговорноста. Отсекогаш сум сонувал да играм за Барселона. Прво почнав да играм фудбал па моите соништа беа за Камп Ноу. Којзнае можеби еден ден ќе бидам во можност да тренирам со фудбалерите на Барса. Сигурен сум дека нема да се посрамотам. Не жалам што играм ракомет, јас сум среќен што сум во спортот“, рече Циндриќ.

Циндриќ беше дел од Вардар и даде клучен придонес во освојувањето на трофејот, а веднаш после тоа го напушти клубот да замине во Келце.