Целта на Пелистер е 3. место во Супер лигата

Екипата на Пелистер влегува во новата сезона во машката Супер ракометна лига со амбиција да се избори за едно од четирите места кои ќе им донесат пласман во плеј-оф лигата во која во април и во мај следната година ќе играат и Вардар и Металург. Завршницата на подготовките пред стартот на новата сезона покажува дека ракометарите се во добра форма и се подготвени за натпреварите кои стартуваат на 16 и 17 септември. Во последниот контролен натпревар одигран во Скопје против Пролет го добија битолчани со 35:27.

„Ние зацртавме на крајот од сезоната во мај да бидеме на 3. место. Можеби звучи премногу оптимистички. Ние ја формиравме екипата и јас нема да кријам дека ние не целиме кон тоа да бидеме трети. Или еве ако ништо повеќе следната сезона да излеземе во Купот на ЕХФ. Лигата ќе биде израмнета. Има доста квалитетни екипи. Тука се Работник, Пролет, Борец, Радовиш… Има 5-6 екипи кои рамноправно ќе конкурираат за првите четири места. Секој може да победи против секого. Затоа ќе мора пристапот да биде максимално сериозен и прво да се избориме за првите четири места, а потоа и за пласман на 3. место“, изјавува тренерот на Пелистер, Стевче Алушевски.

Последната контрола беше против Пролет на која Пелистер како гост забележа победа од 35:27. Битолчани покажаа дека физички се добро подготвени, а можеби недостасува уште подобра техничко-тактичка воиграност. Настапите на бројните турнири и контролни натпревари се токму за подигање на формата.

„Ова беше пријателски натпревар на кој ги пробавме оние работи коишто ги работевме на тренинзите во последните денови. Тука пред сè мислам на играта во одбрана од која јас и мојот стручен тим не бевме задоволни. За разлика од турнирот во Прилеп на овој меч играчите сосема коректно ја извршија својата задача. Во напад исто беше коректно. Ова беше добар натпревар на кој она што беше замислено и зацртано успеавме да го оствариме. Во завршна фаза сме на подготовките и мислам дека подготвени ќе го дочекаме стартот на сезоната“.

Пелистер ја почнува сезоната во Радовиш и ќе има тешки гостувања на почетокот од сезоната.

„Имаме тежок распоред. Во првото коло играме во Радовиш. Потоа во 3. коло сме гости кај Пролет. Тоа се два тешки противници кои играат одлично на домашен терен. Не очекува уште многу работа и очекувам со голема пожртвуваност успешно да ја отвориме сезоната. Имаме и многу нови ракометари. Минатата година Пелистер не ги оствари плановите кои беа зацртани. Некои од играчите мораше да заминат.  Некои беа незадоволни од понудените услови. Тука пред се ми е жал што македонските играчи не гледаат афирмација во екипата на Пелисер. Според тоа мораше да бараме други решенија и ги најдовме во оние играчи кои се во ростерот. Со доаѓањето на Филип Лазаров тимот доби вистински лидер кој беше потребен во овој состав. Другите ракометари се млади и желни за работа. Ова е одлична група пред која претстои светла иднина. Ништо не е изградено преку ноќ. Како што вели изреката ‘Ниту Рим не е изграден преку ноќ’. Ни претстои голема работа. Најважните средби се во април и во мај имаме доволно време за да се уиграме и тогаш да бидеме сериозна екипа.

Пелистер во минатото важеше како еден од градовите откаде потекнуваа голем број на репрезентативци, но тоа се загуби во последните неколку сезони. Сега и клубот е во тешка позиција особено на финансиски план.

„Во моментов не сакам да кажам дека наследивме лоша ситуација во клубот, но таа е навистина тешка. Единствен финансиер е општината и искрено се надевам дека ќе се обезбедат приватни спонзори кои ќе му дадат дополнителна сигурност на клубот и ќе направат Пелистер да се врати на старите патеки. За посериозна работа треба посериозен буџет. Се трудиме со она што ни е на располагање за да го вратиме Пелистер на старите патеки. Со новиот закон за Данок на добивка се надевам дека битолските стопанственици ќе најдат можност за да инвестираат и таа инвестиција да им се врати односно Пелистер одново да биде тоа што беше“, изјави Алушевски.