Цветковски: Има поинаква тежина да се бориш за место во тимот со Борко Ристoвски!

Голманот Јане Цветковски се врати во Македонија како шампион на Алсвенскан лигата во Шведска, при што заедно со тимот на Хелсингборг изборија пласман во елитната серија. Иако успехот во втората лига по квалитет во една земја често се оспорува, Цветковски вели дека ако се анализираат играчите и стратезите во Алсвенскан, таа има поголем квалитет од македонското првенство.

– Мојот тренер Улф Сиверстон претходно беше девет години во Колдинг (од 2001 до 2009 година), а потоа во шведскиот премиерлигаш Дрот, при што во неколку наврати ја освојуваше шампионската титула со двете екипи. Тој дојде во Хелсингборг од Малме, со јасна цел да направи тим за Елитсериен и мене многу ми годи што ми укажа доверба да бидам прв голман на тимот, па 80% од натпреварите бранев и по 60 минути. Шведска е расадник на ракометни таленти и голем број играчи играат во моментов во Бундеслигата како Андерсон и Јакобсон (Флензбург), Апелгрен и Егдал ду Риц (Рајн Некар), Екберг и Нилсен (Кил), Сјонстранд (Мелсунген) и многу други. Првата шведска лига според мене е петта по јачина во Европа, зад Германија, Франција, Данска и Шпанија, па фактот што ние како Хелсингборг направивме „дар-мар“ во Алсвенскан лигата дефинитивно покажа дека сме квалитет достоен за една таква лига. Во таква средина тешко се добива шанса како странец, па задоволство е да се констатира дека сум ја искористил дадената шанса на максимално позитивен начин.

Од сите четири лиги на Шведска, Хелсингборг има најмалку примено голови оваа сезона, а Цветковски е најдобар голман според процентот на одбрани од 41%, попатно освојувајќи неколку награди како „Играч на натпреварот“.

– Верувајте тие награди не ми значат толку, без оглед дали биле пет или осум во текот на сезоната. Она што мене ми беше битно е да се испробам во конкурентна средина и да добијам валидација на моите способности. Работев со еден од најпознатите тренери за голмани, Фихрет Хандан, човек кој одиграл значајна улога во развојот на Апелгрен, Паличка и Сјонстранд, па работата со него ете се покажа и низ призма на тие статистики кои ги спомнувате. Верувам дека сум во најдобра форма од досегашната кариера и свртен сум кон новите предизвици.

Репрезентацијата е следно нешто на листата на соништа што ги има Јане Цветковски. Тој вели дека националниот дрес за него претставува инспирација секогаш кога го подига нивото на тренинзите, па наскоро очекува да се најде на поширокиот список.

– Во македонската репрезентација секогаш имало место за најдобрите. Несомнено е дека Борко Ристовски е македонска легенда, исто како и Кирил Лазаров. Мене ме привлекува идејата да можам да работам и да се надополнувам со такви врвни професионалци додека сè уште се на теренот, а не да влезам во репрезентацијата откако тие ќе заминат. Има поинаква тежина да се бориш за место во тимот со Борко, отколку кога него би го немало. Верувам дека во моментов ја имам најдобрата форма во кариерата и дека можам да и помогнам и на репрезентацијата и на колегите заеднички да ги оствариме амбициите. Сметам дека доаѓањето на Раул Гонзалес е одличен потег и на долг рок може да донесе резултати, особено она што сите го посакуваме, пласман на Олимпијадата во Токио или борба за медал на некое европско или светско првенство.

Актуелна е дискусијата околу третманот на македонските играчи во нашите клубови и нивната минутажа на сметка на странските играчи. По ова прашање, Цветковски вели дека не смее да се дозволи влез на странски играчи чиј квалитет не е докажан.

– Не смее македонските играчи да бидат во втор план во Македонија, особено во првите тимови како Металург и Вардар. Во Шведска едвај 20% од играчите се странци. Нашите млади играчи се соочуваат со немање тимови за настап и рано завршување на кариерата, бидејќи во сопствената земја се третирани онака како што во странство ги третираат дојдените играчи. Секоја чест на Вардар за сите успеси, но недопустливо е ниту еден млад играч да не излезе од нивните редови. Металург повремено дава шанси на наши играчи, но тоа е сепак малку бидејќи тоа се наши репрезентативци. Не смееме да дозволиме странците да влезат и во другите клубови кои произведуваат македонски играчи бидејќи дури тогаш ќе потонеме. Јас излегов од школата на Пролет, има многу играчи од Битола и Струга, тоа се центри што мора да се негуваат!