Хоан Канељас во германскиот шампион Кил

Во последните неколку недели, по недобивањето на лиценца за настап на бундеслигашот Хамбург, се поинтересна е играчката судбина на ракометните ѕвезди од поранешниот победник на Лигата на шампионите. Иако во македонските медиуми се зборуваше за можниот трансфер на Канељас во скопски Вардар, сепак информациите од Германија говорат дека финалистот на овогодинешниот „фајнал фор“ во Келн е најблиску до потписот на шпанскиот централен бек. Како што пишува германски „Билд“, за услугите на Канељас, управата на Кил е подготвена да плати сума од 200 000 евра за откуп на договорот од ХСВ Хамбург. Во наредните денови се очекува официјална промоција на Канељас во „црно-белиот“ дрес.
Кил на позицијата централен бек во сезоната 2014/2015 го има најдобриот светски играч за 2013 година, Домагој Дувњак, кој истотака премина од Хамбург, а под договор се најкорисниот играч на завршниот турнир од Лигата на шампионите, одличниот исландски репрезентативец, Арон Палмерсон и неговата замена повредениот централен бек на Данска, Расмус Лауге Шмит. Еден од најдобрите леви бекови во светот, Филип Јиха исто така може квалитетно да разигрува, што значи дека Кил има проблем со вишок квалитетни играчи на централната бековска позиција кој треба да го реши до почетокот на новата сезона. Најисплатлива финансиска варијанта е продажба на Арон Палмерсон за кого сериозно се заинтересирани француските вицепрваци ПСЖ, но и Расмус Лауге Шмит кој се враќа на теренот по незгодна повреда, а не би добил простор да го покаже својот потенцијал покрај веќе докажаните имиња.
Во изјава за шпанската новинска агенција „ЕФЕ“, Канељас објасни дека во Германија се игра најдобриот ракомет:

“Наредните неколку години веројатно ќе бидат најдобрите во мојата кариера. и доколку Хамбург не ми дозволи да го покажам тоа, тогаш треба да ги разглеадм и да разговарам за други опции. Германија има најдобра лига, од спортски агол, навистина уживав и би било убаво да продолжам“