Хамбург во шок, Швалб во болница, Ликефет со оставка

Во четврток доцна навечер, тренерот на ХСВ Хамбург, Мартин Швалб доживеа  срцев удар поради што итно мораше да замине на операција во раните утрински часови. Тој во вечерните часови ја посетил училишната претстава во која учествувал неговиот син, а по неколку часа е примен во болница со симптоми на срцев удар.
Турбулентното лето започна со неизвесноста околу иднината на ракометниот клуб Хамбург, а продолжи со отказ на главниот тренер на Хамбург, Мартин Швалб кој остана верен на клубот во најтешките мигови. Внатрешните превирања во клубот веќе навестуваа спогодбен раскин на договорот, очекуван потег на управата, која индиректно ја промени стратегија и иднината на трофејниот клуб, а продолжи со оставка на претседателот на клубот д-р. Холгер Ликефет, кој се повлекува од фунцијата поради „фамилијарни причини“ и неговиот заменик Франк Спилнер.
Причина за отказ и спогодбен раскин на договорот на тренерот на бундеслигашот се спротивставените ставови околу иднината на клубот. Швалб од едната страна и поранешниот претседател на Хамбург, Матијас Рудолф и неговиот брат и главен донатор во клубот Андрес Рудолф, од друга страна. Откако новата управа не успеа да доведе свеж капитал во Хамбург и да ги затвори финансиските дупки во буџетот, браќата Рудолф повторно ги превземаа конците во свои раце и со нивното враќање во клубот, Хамбург ја обезбеди потребната финансиска ликвидност и ги исполни условите за добивање лиценца за следната натпреварувачка сезона. Меѓутоа тоа значеше и победа за браќата Рудолф и нивната визија за ХСВ Хамбург, по што природно решение за недоразбирањата со тренерот и дел од новата управа беше спогодбен прекин на договорот.

363O9493
Мартин Швалб е успешно опериран и се очекува денес да ја напушти интензивната нега. Состојбата на Мартин Швалб во петокот на прес конференција ја соопшти сега веќе поранешниот претседателот на клубот, д-р. Ликефет и како шок одекна во ракометниот свет. Фото: Саша Клахн /handballmagazin.de

Швалб е во Хамбург од 2005 година. Тој го предводеше тимот меѓу другото до титулата во Лигата на шампионите во 2013 година, германскиот првенство во 2011 и двапати во DHB купот, во 2006 и 2010 година. Во текот на сезоната 2011/12 тој привремено ја вршеше функцијата извршен директор и претседател на клубот, а по отпуштањето на поранешниот тренер Карлен, тој се врати на клупата на Хамбург.