Франција, Полска и Чешка стојат на патот на Македонските јуниори за пласман на СП во Бразил 2015

На конгресот на ЕХФ одржан во Даблин беше извршена ждрепката за машкото Јуниорско Светско Првенство кое ќе се одржи во Бразил 2015 година.

Македонската репрезентација се најде во групата 2, каде за пласман на СП во Бразил ќе мора да се бори против репрезентациите на Франција, Полска и Чешка. Фаворит за организатор на нашата квалификациска група е Полска.

Во останатите групи правото како први организатори на квалификациските групи го имаат репрезентациите на Турција, Велика Британија, Литванија, Косово, Бугарија, Грција.

Репрезентациите кои беа во конкуренција за организација на групите за ЕП 2014 до 20 години, Чешка, Шпанија, Франција, Израел, Македонија, Словенија, Србија и Швајцарија, немаат право да бидат организатори на квалификациска група, освен во случај доколку некој од кандидатите ја откаже својата кандидатура.

Репрезентациите се поделени во 6 групи во кои партиципираат 4 национални тимови, и две групи во кои ќе учествуваат 3 репрезентации. Пласман на СП во Бразил 2015 година ќе обезбедат само првопласираните репрезентации.

Три европски репрезентации, Европскиот шампион на ЕП 2014, репрезентацијата на Германија, репрезентацијата на Шведска која го освои сребрениот медал, како и актуелниот светски шампион Данска, директно се пласирани на СП во Бразил 2015.

Квалификациите ќе се играат од 9 до 11 јануари 2015 година, а Машкото Јуниорско СП ќе се одржи од 19 јули до 2 август 2015 година.