Франција: Монпелје и Нант изедначени на врвот на табелата (Видео)

По вчерашниот дерби натпревар од четвртото коло во француската лига, екипите на Нант и Монпелје се изедначени на врвот на табела, по нерешениот натпревар во Нант кој заврши 27-27. Фантастичниот словенечки репрезентативен голман, Горазд Шкоф со 19 одбрани му овозможи на својот клуб да остане непоразен по воведните четири кола. Кај гостите се почуствува отсуството на легендарниот Омејер кој оваа сезона премина во ПСЖ, а Венио Лосерт имаше само осум интервенции во текот на натпреварот.
Гостите го отворија натпреварот со голот на Таџ, а на домаќините им беа потребни 12 минути да направат опиплива предност. Махмуд Гарби го постигна својот трет гол за 9-6. Нант благодарение на одличниот словенечки голман постојано ја зголемуваше предноста, која на три минути пред крај на првиот дел изнесуваше 5 погодоци, 15-10. Кавтичник сепак ја намали предноста на домаќините на пристојни четири погодоци 15-11 по првите 30 минути.
Во вториот дел, Нант започна фуриозно, двата гола на Крамеро и еден на Гарби ги одведоа домаќините на највисоки шест погодоци предност, 18-11. Нант ја имаше иницијативата 40 минути, но Монпелје се врати во игра користејќи ги лошите пет минути на противникот и со серија од 5-0 намали на минимални 21-20 во 45-та минута.На 10 минути до крај на натпреварот, најдобриот поединец на теренот, Гајиќ (10 голови) го постави првото израмнување во вториот дел 24-24, а минута подоцна Мопелје го превзеде водството со голот на Гребил за 24-25. Во последните пет минути улогите беа заменети, Нант се обидуваше да спаси бод, а Монпелје ја имаше минималната предност. Во интересна завршница, по промашувањето на Македа, Монпелје имаше можност да го реши победникот, но Горазд Шкоф го одбрани ударот на сонародникот Доленец, а контра нападот за Нант го реализираше Де Ла Брече за конечни 27-27.
Најатрактивниот потег на мечот и веројатно на колото го имаше левото крило на Нант, шпанскиот репрезентативец Валеро Ривера. Постигна ефектен гол од свртување кој можете да го погледнете во видеото подолу заедно со најинтересните моменти од средбата.


LNH D1 2014-2015 J04 NANTES MONTPELLIER by LNH