Франција во шок: Данска е новиот олимписки ракометен владетел

Ако пред почетокот на финалниот олимписки ракометен дуел во Рио, Французите беа фаворити за освојување на третиот олимписки златен медал во низа, по првото полувреме полетната Данска нè убеди во спротивното.

Франција започна добро, и „експертите“ први дојдоа до два погодока предност. Сепак средината на првиот дел ги промени улогите, Данска беше репрезентацијата која имаше предност ( 15′, 9-7), а олимпискиот шампион се обидуваше бргу да возврати.

Но наместо да се врати во натпреварот Франција со бројни технички грешки и промашени обиди тонеше сè повеќе и повеќе. Данскиот селектор Гудмундсон им подаде рака со лошата тактичка замисла позајмена од книгата на хрватскиот селектор Бабиќ. Па многу често нападот со седум играчи завршуваше со гол во празната мрежа на Данска. Токму тој период значеше враќање на Франција во игра, а „експертите“ тоа најдобро го искористија и поведоа со два погодока предност.

lxVYrHCg

Кога ракометната јавност веќе ги виде Французите на највисокото скалило на победничкиот пиедестал, Данска покажа дека не се случајно во финалето. Со серија од 5-1 Данска на полувреме замина со предност од два гола, 16-14.

Мотивот, пожртвуваноста, смиреноста и желбата за победа беше пресудна за ракометниот свет да го поздрави новиот освојувач на златниот медал. Највозрасниот во екипата на Франција, Омејер беше единствениот расположен ракометар во редовите на актуелниот светски првак, а квалитетот и нивото на новите репрезентативци на Франција не беше доволен да го замени учинокот на најдобриот ракометар во светот, Никола Карабатиќ, кој немаше своја вечер. Како одминуваше времето во вториот дел, така Франција грешеше во обид бргу да го стигне водството на Данска. Затоа Скандинавците ја користеа секоја грешка и во 48-та минута имаа предност од високи +5 (20-25). На три минути до крај Франција успеа да внесе неизвесност во мечот и преку Карабатиќ дојде до гол негатива 26-25. Меѓутоа бројните индивидуални акции на „експертите“ не беа доволни да се победи тимскиот дух на Данска. Крај на сите надежи за одбрана на олимпискиот медал стави Менсах Ларсен со гол на триесет секунди до крај за 28-25. Мае со својот трети гол, од линијата за седум метри стави точка на овој дуел за конечни 28-26 и огромно славје на Данска.

Најпрецизен во финалето беше Хансен со осум голови, додека Гигу со шест и Карабатиќ со пет не можеа да го избегнат вториот пораз за Франција на Олимпијадата во Рио, овојпат во финалето од Данска.

Ова е прв златен медал за Данска на ракометниот турнир на Олимписките игри.