Финска ангажираше познат стратег од Шведска за селектор

Ракометот во Финска е на пониско ниво од другите скандинавски земји, но во последните неколку години Финците се обидуваат да фатат приклучок со светскиот врв. Уште еден доказ дека ракометот е во подем во оваа земја е ангажирањето на поранешниот селектор на Шведска, Ола Линдгрен на позиција селектор на репрезентацијата на Финска.

Поранешниот тренер на Кристијанштад потпиша договор на две години со можност за продолжување на уште две со Ракометната федерација на Финска. Линдгрен успешно го водеше Кристијанштад седум години и успеа трипати по ред од 2015 година да ја освои титулата шампион на Шведска. Исто така имаше забележителни настапи во Лигата на шампионите. Тој на клупата на Кристијанштад беше заменет од Љубомир Врањеш.

Финска во квалификациите за Европското првенство имаше слабо издание со шест порази, но мора да се напомене дека беа во исклучително тешка група со Чешка, Белорусија и БиХ кои обезбедија пласман на шампионатот. Задачата на Ола Линдгрен сигурно ќе биде да се развива репрезентацијата на Финска за во иднина да се доближи до квалитетот на скандинавскиот ракомет.