Филип Лазаров го очекува вистинското од Пелистер дури напролет

Составот на Пелистер уште не може да се врати на патеките од пред неколку години кога беше еден од кандидатите за титулата во првенството на Македонија. Годинава во тимот дојдоа многу нови играчи, а меѓу нив е и репрезентативецот Филип Лазаров. Тој со себе носи искуство стекнато во двата најсилни клуба во Македонија во моментов, Вардар и Металург, но и меѓународно од неколку клуба.

„Нашиот максимум ќе се види дури напролет. Тогаш ќе се види на дело до каде се можностите. Ние одиме на максимум и сакаме да бидеме што е можно подобро пласирани, но сезонава има екипи во лигата коишто се добро организирани. Би било добро кога би имало што е можно повеќе квалитетни тимови бидејќи така ќе се крева квалитетот“, вели Филип Лазаров.

Сезонава Пелистер важи за кандидат за освојување на првото место во првиот дел од сезоната.

„Во моментов не може да коментираме многу. Не смееме ниту да се залетуваме туку мораме да одиме полека. Имаме квалитетни и талентирани играчи, но мораме да работиме и понатаму. Можеме да направиме добра работа, но конкуренцијата е силна. Сите тимови сакаат да завршат на 3. позиција и да завршат зад Вардар и Металург. Ние работевме напорно. Рано почнавме со подготовки уште на 25 јули. Имавме доволно контролни средби, па тоа ја крена формата во нагорна линија така што се надеваме  на успешна сезона“, изјави Лазаров.