Уште три слободни места за Мундијалот во Германија и во Данска

На десет дена до ждрепката за групите од Светското првенство кое од 9 до 27 јануари ќе се одржи во Данска и во Германија има уште само три слободни места. После комплетирањето на баражите во Европа остана уште да се даде одговор на прашањето кои три селекции ќе бидат претставници од страна на Пан-америка.

Досега своите места на СП ги потврдија Германија и Данска како домаќини, додека Јапонија влезе на Мундијалот со вајлд-карта од ИХФ. Како шампиони по континенти директно место имаа Шпанија (Европа), Тунис (Африка) и Катар (Азија). Франција беше првата која имаше директно место бидејќи уште во јануари во 2017 година како светски првак се пласираше за овој Мундијал.

Другите селекции кои се најдоа на овој Мундијал до него дојдоа според остварениот пласман во квалификациите или преку бараж дуели.

Од Европа место на СП си најдоа: Македонија, Хрватска, Србија, Русија, Норвешка, Унгарија, Шведска, Австрија и Исланд. Азија ќе биде претставувана уште од Бахреин, Саудиска Арабија и Јужна Кореја, додека Африка како претставници ќе ги има и Египет и Ангола.

Останува уште да се види кои три селекции ќе дојдат од Северна и Јужна Америка, па да може да се направи рангирањето пред ждрепката и да стане јасно како би можеле да изгледаат групите. Тие ќе бидат извлечени на 25 јуни, па тогаш ќе стартуваат и противниците за Мундијалот.