Уште не заврши овој, а ЕХФ ги пушти во продажба картите за следното издание на Ф4

Уште еднаш десетици илјади фанови ќе се соберат во Келн и ќе бидат дел од спектаклот кој го нуди Ф4 во Лигата на шампионите. Оваа сезона помеѓу четирите најдобри екипи се најдоа Вардар, Веспрем, Келце и Барселона, а тие своите завршни средби ќе ги одиграат овој викенд.

Фановите уште сега можат да ги резервираат своите места на Ф4 следната година кој се игра на истото место – „Ланксес Арена“ во Келн. Продажбата ќе започне во 11:30 часот оваа сабота и тоа на 1 час и 45 минути пред почетокот на првото полуфинале помеѓу Келце и Веспрем.

Отворена ќе биде една билетарница на која фановите ќе можат да купат карти за следната сезона. Оние пак кој нема да бидат во Келн, можат да обезбедат карти онлајн, а нивната продажба ќе започне еден ден после финалето, односно на 3 јуни во 10:00 часот.

Трета година по ред цените на картите ќе остане иста, а еден купувач може да обезбеди најмногу четири влезници. Билетите се по цена од 75 евра за зелените седишта, 155 евра за портокаловите, 215 евра за виолетовите, 295 евра за жолтите и 345 евра за црвените.