Уште еден соиграч на Лазаров останува во дресот на Нант

Екипата на Нант не чека многу со продолжувањето на договорите на своите играчи. После продолжувањето на соработката со Едуардо Гурбиндо до 2021 година, уште еден играч го продолжи договорот. Станува збор за Драган Пехмалбек кој успешно ја пролонгираше својата лојалност кон клубот до 2022 година.

Младиот пивотмен го покажа својот талент додека настапуваше за екипата на Серкл Пол Берт од Рен. Тоа беше доволно за да го привлече вниманието на тимот на Нант кој за неговите одлични партии му го подари првиот професионален договор во декември 2016 година.

Оттогаш па наваму, Пехмалбек одлично се афирмираше во првиот тим на тренерот Тиери Анти и претставува одлична ротација за поискусните играчи. Неговите солидни игри му го донесоа и првиот настап во сениорската репрезентација на Франција во април оваа година.

„Многу сум среќен што ја продолжувам мојата авантура во дресот на Нант. Ова е тим каде што се чувствувам одлично. Сакам да му помогнам на мојот состав во достигнувањето на највисокото ниво во Францускиот шампионат како и во Европа“, вели Пехмалбек.

Тој и во следната сезона ќе биде соиграч на Кире Лазаров, а воедно ќе имаат битка за што подобар пласман во Лигата на шампионите и доколку е можно за ново учество на Ф4 турнирот во Келн.